Breaking News

Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов апелира земјоделците да не ги палат стрништата во оризовите полиња


По вчерашната огнена стихија во кочанскиот регион, предизвикана од палењето на жетвените остатоци во оризовите полиња, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов денеска упати апел до земјоделците да ја прекинат таквата, како што вели, штетна практика.


Во апелот Папазов ја нагласува загрозената безбедност на жителите и на материјалните добра, посебно во населените места Горни и Долни Подлог, Грдовци и Мојанци, што беше доведена во ризик. Исто така, во опасност беа и екипите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои вложија натчовечки напори во гасење на пожарите.


– Апелирам да престане палењето на жетвените остатоци затоа што носи долгорочни последици. Се уништува целиот жив свет на земјоделските површини, како и корисната материја којашто претставува органско ѓубриво, се разнишува биолошката рамнотежа, се загадуваат површинските и подземните води. Со согорувањето на органската материја се загадува воздухот и се емитуваат стакленички гасови кои се главни причинители за климатските промени. Триесетина пожарникари и доброволци, со седум возила, повеќе од 12 часа беа на терен и успеаја да спасат неколку стопански објекти во месноста Ќерамидница, како и куќа на влезот во Горни Подлог, истакна во апелот градоначалникот Папазов.

Според последните информации, од утрово пожарите се под контрола, а противпожарни екипи дежураат на критични места.


Во повикот до земјоделците, градоначалникот на Кочани потсетува дека согласно законската регулатива, за палењето оган во посевите, во стрништата и во нивната близина, како и за оставање, фрлање, спалување или неконтролирано отстранување на жетвените остатоци следуваат казни. Овластените инспектори за земјоделство и за животна средина, како и полициски службеници во наредниот период ќе изрекуваат мандатни казни со парична глоба за сторен прекршок и ќе поведуваат кривични постапки. та/сст/