Градоначалникот на Дојран во следните пет месеци, ќе донира 50% од неговата месечна плата за помош на настраданите во Р. Турција и Сирија


Во знак на солидарност и поддршка, Градоначалникот на општина Дојран донесе одлука во следните пет месеци, да донира 50% од неговата месечна плата за помош на настраданите во Р. Турција и Сирија.


“Не секој од нас може да направи големи работи. Но, можеме да правиме мали работи со голема љубов. “ Рекла своевремено најголемата хуманистка – Мајка Тереза.
Не постои човек кој деновиве остана рамнодушен на големата, катастрофална несреќа која се случи во Турција и Сирија. Видеата и фотографиите кои го обиколија светот, тагата, очајот и безнадежноста која се случува токму во Турција и Сирија по силниот, разорен земјотрес несомнено ја почувствувавме и ние овде. Иако километри оддалечени, сепак секој од нас длабоко го потресе веста за повеќе од 20.000 изгубени човечки животи, срушени домови, загинати цели семејства, бебиња родени под урнатините…
Соништа кои никогаш нема да се досонуваат, желби кои никогаш нема да бидат остварени… Агонија. Бескрајна тага.
Длабоко сочувствуваме со несреќата на Турскиот и Сирискиот народ, свесни сме колку е неопходна помошта од било каков вид за настраданите области.
Токму затоа, денес, на 25тата седница на Советот на Општина Дојран, едногласно е донесена одлука еднократно да се исплатат средства во висина од 300.000 денари од општинскиот Буџет на донаторските сметки отворени за помош на настраданите во Турција и Сирија.
Прифатена е и иницијативата советниците при Советот на Општина Дојран во следните пет месеци да донираат дел од својот паушал на донаторските сметки отворени за настраданите од разорниот земјотрес во Турција и Сирија.
Во следните пет месеци, во знак на солидарност ќе донирам 50% од мојата месечна плата за помош на настраданите во Р. Турција и Сирија.
Иницирано е да бидат отворени и пунктови за донации каде граѓаните ќе може да дадат свој придонес за настраданите во катастрофалниот земјотрес. За локациите дополнително ќе бидете известени.
Сите предложени инцијативи едногласно се прифатени.
И во овие тешки моменти, остануваме заедно, сплотени и подготвени да помогнеме. Затоа што знаеме колку малку, некогаш може да значи многу.
Несомнено е дека хуманоста ја отсликува големината на еден човек. Таа е најчовечната особина, доблест за секој поединец. Таа е дел од принципите на еден граѓанин. Дел од животната етика.
Се надевам дека заедно, ние, жителите од Општина Дојран ќе можеме да дадеме скромен придонес за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија.
Освен материјалната донација, она што нам ни останува е со мислите да бидеме со настраданото население во погодените области. Да се помолиме за храброст, утеха за преживеаните и спокој за оние кои настрадаа во оваа голема природна катастрофа“, се вели во објавата на Ангов.