Breaking News

Градоначалникот Ѓорѓиевски на средба со унгарскиот Амбасадор Андраш Клајн


​Градоначалникот Ѓорѓиевски денес оствари средба со новиот унгарски амбасадор Н.Е. Андраш Клајн. На средбата, тој му ја претстави личната карта на општина Кисела Вода и се задржа на приоритетните проекти кои следуваат предвидени во неговата програма. Проговорија за досегашната одлична соработка со унгарската држава преку Амбасадата во Република Македонија. Имено, Општина Кисела Вода секоја година е дел од чествувањето на Националниот ден на унгарскиот народ и го одбележува со пригодна свеченост пред спомен плочата на Шандор Петефи во населбата Драчево. Петефи е една од клучните фигури во Унгарската револуција од 1848 година и поставувањето на темелите за целосно осамостојување на унгарската држава. Ѓорѓиевски проговори со амбасадорот и за одличната соработка со Здружението на унгарците во Македонија, “Теледом”, чиј Претседател Јожеф Шутуш беше присутен на денешната средба.


Заеднички се дефинираа повеќе области во кои е можно продлабочување на соработката и остварување на уште поблиски релации помеѓу Општина Кисела Вода и Република Унгарија.