Breaking News

Глобалната поделба околу војната во Украина се продлабочува


(Вашингтон Пост)


Русија го капитализира разочарувањето од Соединетите Држави за да придобие симпатии во глобалниот југ.


Клемент Мањатела, кој води популарно и влијателно ток-шоу на јужноафриканското Радио 702, се сеќава на бесот што го почувствувал кога руските трупи првпат влегле во Украина. Тој веруваше во инсистирањето на Русија дека не планира да нападне и се чувствуваше измамен кога изби војната.
„Бевме излажани“, рече тој.

Но, додека борбите продолжија, тој и многумина од оние кои се јавуваа во неговото шоу, почнаа да поставуваат прашања: Зошто претседателот Владимир Путин сметаше дека е неопходно да изврши инвазија? Дали НАТО го подгреваше огнот испраќајќи толку многу оружје во Украина? Како може САД да очекуваат другите ширум светот да ги поддржат нивните политики кога тие исто така напаѓаа држави?


„Кога Америка отиде во Ирак, кога Америка влезе во Либија, тие имаа свои оправдувања на кои ние не верувавме, а сега тие се обидуваат да го свртат светот против Русија. И тоа е неприфатливо“, вели Мањатела. „Сè уште не гледам оправдување за инвазија на некоја земја, но не може да ни се диктираат ставови за руските потези за Украина. Искрено чувствувам дека САД се обидуваа да не малтретираат“.

По руската инвазија на Украина, зајакнатата западна алијанса се собра против Русија, создавајќи го она што претседателот Бајден го нарече „глобална коалиција“. Сепак, повнимателниот поглед подалеку од Западот сугерира дека светот е далеку од обединет за прашањата што ги покрена војната во Украина. Конфликтот откри длабок глобален јаз, како и границите на влијанието на САД врз светскиот поредок кој брзо се менува. Има многу докази дека напорите да се изолира Путин не успеаја, и тоа не само кај руските сојузници од кои може да се очекува да ја поддржат Москва, како што се Кина и Иран.


Индија минатата недела објави дека нејзината трговија со Русија пораснала за 400 отсто по инвазијата. Само во изминатите шест недели, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров беше пречекан во девет земји во Африка и на Блискиот Исток – вклучително и Јужна Африка, чиј министер за надворешни работи, Наледи Пандор, ја поздрави нивната средба како „прекрасна“ и ги нарече Јужна Африка и Русија „ пријатели”.

Во петок, една година по почетокот на инвазијата, јужноафриканската морнарица ќе биде ангажирана во воени вежби со Русија и Кина во Индискиот Океан, испраќајќи силен сигнал на солидарност во моментот во кој САД се надеваа дека ќе обезбедат поддршка од целиот свет за осуда на Русија.


Разговорите со луѓето во Јужна Африка, Кенија и Индија сугерираат длабоко амбивалентен поглед на конфликтот, базиран помалку од прашањето што Русија извршила инвазија отколку од актуелните и историските поплаки против Западот – поради колонијализмот, перцепциите за ароганција и неуспехот на Западот да посвети повеќе ресурси за решавање на конфликтите и кршењата на човековите права во други делови од светот, како што се палестинските територии, Етиопија и Демократска Република Конго.

Западните земји „се лицемерни“, вели Баскар Дута, службеник во Калкута, Индија. „Овие луѓе го колонизираа целиот свет. Она што Русија го направи не може да се одобри, но во исто време, не можете целосно да ги обвинувате“.

Американските власти посочуваат дека 141 од 193 земји гласале во Обединетите нации да ја осудат Русија по инвазијата; со истиот број беше одобрена речиси идентична резолуција во пресрет на годишнината во четврток. Но, само 33 земји воведоа санкции кон Русија, а сличен број испраќаат помош за Украина. Истражувањето на Економист минатата година покажа дека две третини од светското население живее во земји кои се воздржуваат од осуда на Русија.

Ова не е битка меѓу слободата и диктатурата, како што често сугерира Бајден, смета Вилијам Гумеде, кој ја основа и ја предводи фондацијата „Democracy Works“ со седиште во Јоханесбург, која ја промовира демократијата во Африка. Тој укажа на одбивањето на Јужна Африка, Индија и Бразил да се приклучат на глобалната коалиција на Бајден.

Таа неподготвеност, вели тој, е резултат на повеќе од една деценија градење на незадоволство против САД и нивните сојузници, кои сè повеќе го губат интересот за решавање на проблемите на глобалниот југ, рече тој. Пандемијата на коронавирус, кога западните држави се затворија и заклучија кон другите земји, и експлицитниот презир на претседателот Доналд Трамп кон Африка, дополнително го поттикнаа незадоволството.

Како што Западот се повлекуваше, Русија и Кина зачекорија во вакуумот, агресивно додворувајќи им се на нациите во развој и капитализирајќи го разочарувањето од САД и Европа преку претставување алтернатива на перцепираната западна хегемонија. Блискиот Исток и Африка се клучни бојни полиња во оваа борба за срца и умови, како и Азија и, во помала мера, Латинска Америка, која е поблиску поврзана со географијата со Соединетите држави.

Блискиот Исток е регион каде што Русија успеа да придобие пријатели и влијание, вели Фајсал, пензиониран египетски консултант за организиран криминал кој побара неговото целосно име да не се користи поради чувствителноста на дискусијата за политички прашања во Египет.

„Секако дека го поддржувам Путин“, рече тој во интервјуто во Каиро. „Одамна ја изгубивме вербата во Западот. Сите Арапи од оваа страна на светот го поддржуваат Путин и ние сме среќни што слушаме дека тој освојува територии во Украина“.

„Во изминатите 15 години се зголеми гневот кон Западотт низ светот, а Русија апсолутно го искористи тоа“, рече Гумеде. „Русија можеше да ја прикаже Украина како војна со НАТО. Тоа е Западот наспроти останатите“.

И покрај напорите да се припишат глобалната инфлација и кризата со храна на руската инвазија, повеќето земји ширум светот го обвинуваат Западот за воведувањето санкции,вели Канвал Сибал, поранешен индиски министер за надворешни работи.

Тие не се согласуваат со наративот дека спротивставувањето на Русија е морален императив ако се почитуваат принципите на демократијата и територијалниот интегритет и светскиот поредок заснован на правила, рече Сибал.

„Тоа не е аргумент што го прифаќаат сериозните луѓе“, рече тој, наведувајќи ги бомбардирањето на Србија на НАТО, поддршката на САД за диктатурите за време на Студената војна и војната во Ирак како примери на она што тој го гледа како прекршување на истите принципи од страна на Американците.

„Остатокот од светот го гледа ова како европска војна. Тие не гледаат глобален конфликт или начинот на кој тој е претставен од Западот“, рече тој. „Да, тоа има меѓународни реперкусии како што е инфлацијата. Но, тие последици се поради санкциите“.

Одбивајќи да ги ризикува односите со Русија, Индија зазема тврдоглаво гледање на сопствените интереси, рече тој, вклучително и нејзината зависност од Русија за воените потреби и можноста да ја задржи инфлацијата со купување евтина руска нафта. На границата на Индија со Кина, нејзиниот геополитички ривал, има десетици илјади кинески војници, а Индија не може да си дозволи да ја отуѓи Русија или да ризикува каков било прекин на нејзините испораки со оружје, рече тој.
На Соединетите Држави им е потребна Индија за противтежа на Кина и, по првичните обиди да се изврши притисок врз Њу Делхи да се усогласи со нејзината политика, сега се чини дека ја прифатиле позицијата на Индија, вели Сибал. Соединетите Држави одлучија да не воведуваат санкции кон Индија за ракетниот договор што го склучи со Русија минатата година и наместо тоа, продолжија да ги прошируваат врските, вклучително и сопствените договори за одбрана.

Одлуката на Јужна Африка да се приклучи на воените вежби со Русија и Кина беше исполнета со помалку разбирање. Американските и западните дипломати изразија вознемиреност и за времето и за природата на вежбите, велејќи дека тие укажуваат на тоа дека Јужна Африка скршнува од својата наведена неутралност и застанува на страната на Русија.

Јужноафриканските власти одговорија дека земјата исто така учествуваше во вежби со американската војска минатата година. Но, тие вежби беа фокусирани на хуманитарни и одговори при катастрофи, рече американски официјален претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен за да разговара за ова чувствително прашање. Руско-кинеските вежби, кои започнаа во петокот, вклучуваат офанзивни поморски способности и би можеле да го подобрат рускиот поморски борбен капацитет. Руските сили вклучуваат еден од главните воени бродови на Москва, Адмирал Горшков, за кој Русија рече дека е опремен со нејзината новоразвиена хиперсонична ракета Циркон.

Вежбите и даваат на Русија важен поттик за односите со јавноста, бидејќи вниманието на Западот е фокусирано на годишнината од војната, рече Кобус Мараис, портпарол на опозициската партија Демократска алијанса во Јужна Африка. Тој рече дека Јужна Африка станала „корисен идиот на Русија“ и може да стане соучесник во воените злосторства доколку подоцна Адмирал Горшков биде распореден да истрела проектили во Украина.

Вежбата следи по мистериозното пристигнување во јужноафриканското пристаниште во декември на рускиот брод Лејди Р, кој е под санкции на САД бидејќи се знае дека се занимавал со испорака на оружје. На товарниот брод му беше одбиена дозволата да се закотви во Кејп Таун, неговата првична дестинација, и наместо тоа, отплови неколку милји подалеку до помалото пристаниште во Симон Таун, каде беше забележано како истоварува, а потоа претоварува контејнери кои очигледно потекнуваат од магацин за оружје и муниција на јужноафриканските специјални сили, според Мараис.

Владата на САД испрати формално предупредување до владата на Јужна Африка дека секој ентитет што има интеракција со бродот ќе ризикува секундарни санкции, но не доби одговор, рече американскиот официјален претставник. Јужноафриканското Министерство за одбрана соопшти дека го истражува случајот.

„Нивната привидна позиција на неутралност е, благо кажано, пробламатична за верување“, рече американскиот претставник. Соединетите Држави инвестираа многу во Јужна Африка по апартхејдот и се најголемиот странски инвеститор и најголемиот извозен пазар во Јужна Африка, и нема смисла да се загрозат нивните односи со Вашингтон, рече функционерот.

Но, Јужна Африка има свои причини да и остане лојална на Русија и покрај ризиците, велат Јужноафриканците. Владејачката партија Африкански национален конгрес беше поддржана од Советскиот Сојуз во текот на децениите што ги помина во егзил за време на ерата на апартхејдот, а многу од нејзините највисоки фигури добија обука во Советскиот Сојуз, вклучително и моќниот министер за одбрана, Танди Модис.

На улиците на Совето, огромната урбана населба на работ на Јоханесбург, која беше центар на отпорот кон апартхејдот, луѓето велат дека сè уште ја гледаат Русија како сојузник. „Русија беше со нас кога бевме во синџири“, вели Илија Ндлову (51), кој е невработен. „Не велиме дека Русија е добра со уништување на Украина, но ако не прашате каде стоиме во таа борба, мора да бидеме искрени. Никогаш не можеме да и свртиме грб на Русија“.

Шејкс Матлхонг (33) рече дека неговото разбирање за конфликтот е магливо, но дека тој долго време ги смета Соединетите држави како „империјалистичка“ сила. „И сега Русија возвраќа. Ставот на Африка кон војната е дека Русија се брани од НАТО“, рече тој. „Русија никогаш не учествувала во ниту еден колонијализам. Можеби Русија греши, но ставот на луѓето го одредува историјата“.

Тоа што Русија не учествуваше во колонизацијата на Африка и дека Советскиот Сојуз поддржа многу од движењата за ослободување на континентот се точки кои беа искористени од Путин во неговите пораки, рече Лјубов Абравитова, амбасадор на Украина во Јужна Африка. Таа признава дека е тешко да се придобијат симпатиите на Африканците за украинската кауза. „Единствената карта на Русија е што тие никогаш не ја колонизираа Африка“, рече таа. „Но, ова важи и за Украина“./

Фото: ЕПА / Вашингтон пост – принтскрин