Breaking News

„Гласен Текстилец“ бара заштита на вработените во обезбедувањето на државни институции ангажирани преку „Никоб“


Исплата на плата и по 15-ти во месецот и нејзино исплаќање без никакви додатоци и надоместоци, како што се минат труд, работа во смени, прекувремена работа, работа во недела или на празник, покажуваат документите и сведочењата на вработените во службите за обезбедување на државните институции низ земјава, посочи на денешната прес-конференција Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“.


Таа потенцира дека од ова сега се засегнати 163 вработени, од кои поголем дел им се нудат спогодбени откази, кои не сакаат да ги потпишат се распоредуваат на нови работни места оддалечени од нивното место на живеење.


– Сега повторно на работниците кои вршат физичко обезбедување на објекти на државната управа, им се прават притисоци за да потпишат спогодбен отказ, а откако тие не потпишаа бидејќи имаат важечки договори за работа, сега „Никоб“ врши прераспоредување на работните места – од Пробиштип се бара да одат да обезбедуваат во Куманово и слично се со цел да се откажат од своите права и да подлегнат на притисоците за да потпишат спогодбен отказ, тврди Ампева.

Таа побара од Владата и Службата за општи и заеднички работи, кои го склучиле договорот, кој е со назнака деловна тајна, да реагираат на овие злоупотреби и кршења на правата на вработените.


– Во договорот за обезбедување, во членот 5 став 6 стои дека е валиден до 9.20.2024 или до исцрпувања на средствата, односно речиси 200 милиони денари. На што се потрошени тие средства кога работниците едвај земаат минималец, им доцни платата, немаат здравствено осигурување, немаат никакви додатоци и надоместоци од плата, земаат К15 од 100 денари, вели Ампева.

Таа истакна дека ја прашува Владата и СОЗР каде се „исцрпени парите“ и нагласи дека заедно со одговори бара и „одговорност од Владата, Службата за општи и заеднички работи на Владата, како и управителот на „Никоб“.


Ампева посочи дека минатата недела „Гласен Текстилец“ има доставено барање за инспекциски надзор и сега чекаат одговорот од Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи. вдј/сп/

Штип, 20 април 2023 (МИА)