Breaking News

Германска донација за Ургентниот центар


Во Ургентниот центар на Клиниката за ТОАРИЛУЦ денеска беше предадена во употреба медицинска опрема во вредност од 725.500 денари или околу 12.000 евра добиена преку Проектот за мали грантови на Амбасадата на Сојузна Република Германија.


Станува збор за опрема во која е вклучен преносен дефибрилатор, пациент монитор и четири аспиратори кои ќе бидат сместени во приемниот дел на Ургентниот центар.


Опремата со која се комплетира последната фаза од реконструкцијата на Ургентниот центар, во ипуреба ја пуштија директорот на Клиниката д-р Александар Трајановски и Ото Граф, вршител на должност амбасадор на Германија.

– По реноновирањето и просторното уредување на Ургентниот центар, ова е уште еден чекор во подобрувањето на услугите во јавното здравство, што е наша заложба од самиот почеток. Особено ми е мило што Германската амбасада уште еднаш ја препозна нашата заложба за постојано подобрување на здравствениот систем во интерес на пациентите и еве тие се наши партнери веќе во неколку проекти. По проектот за Коскена Банка на Клиниката за Ортопедија што го реализиравме заедно, разновидната опрема за КАРИЛ во време на ковид-кризата, ова е уште еден успешен проект на кој сме особено горди, пред се затоа што ќе направи значаен исчекор во квалитетот на услугите кои оваа институција ги обезбедува, вели д-р Трајановски.


Ургентниот центар е единствена институција од ваков тип во земјава каде се згрижуваат пациенти од сите возрасти кои имаат ургентни состојби настанати од природни незгоди, сообраќајни незгоди или пак имат акутни болки поврзани со хируршки болести и бараат итен третман. На дневно ниво во Ургентниот центар се згрижуваат околу 100 паценти од сите возрасти и со различна патологија и возраст.са/