Breaking News

Форум: Можен повоен распад на Русија и нова државна архитектура за северна Евроазија


Можната иднина на поствоена Русија е распад на повеќе автономни единици со нивна понатамошна културна и државна самостојност, е заклучокот на шестиот форум на Слободни народи од пост-Русија, што деновиве се одржува во институтот Хадсон во Вашингтон.


Каква е иднината на поствоена Русија по крајот на војната во Украина и евентуалниот пораз на Москва, како тој пораз ќе се одрази на односите меѓу руските етнички малцинства и центарот во Москва, беа некои од темите на настанот во Хадсон насловен „Новата архитектура за северна Евроазија“,


Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, на настанот учествуваа претставници на малцинските заедници од Русија како црвените Монголи, Јакутите, Ингушетите, Черкезите и Татарстанците но и политички аналитичари, стратези и политичари како поранешноит пратеник во Државната дума Илја Пономарјов.

Во низа руски региони се набљудуваат тенденции за независност и отцепување од Руската Федерација, укажаа некои учесници на форумот.


Исто мислење споделува и Денис Угрјумов претставник на движењето „Слободна Ингрија“. Активистите на ова движење се борат за преобразба на Санкт Петербург и Ленинградската област во автономна република со можност за понатамошно самоопределување.

Движењата за самоопределување на оваа и многу други националности на Русија не згаснаа и по изминати повеќе од три децении по распадот на Советскиот Сојуз. Војната на агресија на Русија во Украина само ги подгреа таквите тенденции.


-Постоечката Руска Федерација е империјална држава, тоа е злосторничка држава и треба да биде расформена, а народите кои се населени таму треба да добијат слобода да си ја определуваат иднината водени од своите суверени права и потреби, изјави Угрјумов за присутните новинари на настанот.

Според него, „сите оние кои имаат врска со овој злосторнички режим треба да станат објекти на провосудиеото, безусловно да бидат судски гонети, но врз нив да не се вршат репресии.“


Тој и останатите учесници укажуваат дека целта на овој настан е промена на точките на гледање за иднината на поствоениот развој на Русија.

Според Лук Кофи од институтот Хадсон, американските политичари, како во 1980-те така и сега, треба да бидат подготвени за можен распад на Русија.

-Мислам дека е мошне важно експертите и политичарите во Вашингтон да разбираат и имаат претстава за тоа што се случува во Русија и во целото Евроазиско пространство. Јас едноставно не знам каква ќе биде иднината на Руската Федерација. Не повикувам на промена на режимот во Русија, и сметам дека многу од нас не повикуваат на тоа. На почетокот на 1980-те никој не претпоставуваше дека Советскиот Сојуз ќе се распадне, истакна тој.

Додаде дека ако Русија претрпи воен пораз во Украина тоа може да донесе такви последици за Руската Федерација кои што никој неможе да ги предвиди.

-Затоа американските политичари треба да се спремни за тоа, рече тој.

Во Руската Федерација се вклучени низа републики кои имаат номинална автономија, но центарот во Москва секогаш одлучувал за нив, политички и економски. Република Саха (Јакутија) е една од тие. Политиката на центарот кон оваа република е целосно разградување на идентитетот и културата на народот Саха, изјави Никита Андрејев од фондацијата „Слободна Јакутија“.

-Се плашам за својот народ и не сум убеден дека следните сто години ќе преживееме како народ, со својот јазик и своите културни одлики, изјави тој додавајќе дека во 1990-те имало обиди за отцепување на Јакутија во независна земја, но дека тие обиди пропаднале, „сепак нашиот народ ја почувствува слободата“.

На настанот во институтот Хадсон имаше претставнци и на движењето за независна влада на Татарстан, на владата во изгнанство на чеченската република Ичкерија, Конгресот на ојрат-калмицкиот народ, Советот на обединета Черкезија и др. кб/ сд/