„Europe house“ во Струмица одбележа две години од постоењето


Во изминатите две години од постоењето „Europe house“ организираше повеќе од 330 настани сите поврзани со европските младински цели, а имаме повеќе од 15 илјади посетители на овие настани и сите овие настани не би се одржале доколку ги немаме нашите соработници околу 100 организации, истакна Томи Печков од „Европската куќа“ во Струмица, која денес одбележа две години од постоењето.


На одбележувањето присуствуваше Штефен Худолин, вршител на должност амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Скопје, градоначалниците на општините од регионот и голем број млади луѓе од земјава.


– „Europe house“ се места каде младите доаѓаат да се сретнат и тоа претставува можност за вмрежување. Но исто така и да научат нови работи, нови вештини и можам да кажам дека сме поминале многу долг пат, имајќи го предвид краткото време кое го имавме на располагање и мислам дека само може да го надградиме позитивниот пример којшто првите три „Europe house“ го имаат поставено и се надевам дека ќе можеме да отвориме и други такви објекти во земјава, рече Худолин.

На прашање дека расте евроскептицизмот кај младите и дека сакаат да заминат во земји од ЕУ и која е неговата препорака до македонските власти, Худолин одговори дека ова е уште една причина сите да работат заедно и да соработуваат со цел да се реформира и трансформира општеството на патот кон Европа.


– Како што е познато Република Северна Македонија ги отвори преговорите со ЕУ минатиот јули и тоа што треба сега да се направи е да се следи патот на реформите, кој ќе биде од корист на граѓаните и на самото општество. Всушност, многу пати граѓаните ме прашуваат што ќе се случи кога земјата ќе стане членка на ЕУ, јас одговарам и велам ништо. Всушност, сè што ќе се случи ќе се случува пред земјата да стане членка на ЕУ, односно на тој процес кон Европската унија е да се испорачаат реформи. Реформи кои ќе бидат преведени во пракса, односно целата европска легислатива да биде преведена и усвоена и да бидат спроведени сите реформи во согласност со европската легислатива и ние како ЕУ треба да работиме заедно со сите домашни институции за да го трансформираме самото општество во корист на граѓаните за да можат вистински да ги почувствуваат промените кои доаѓаат со членството во ЕУ, одговори Штефен Худолин, вршител на должност амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Тој се сретна и со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој го запозна со зградата на Младинскиот центар во сутеренот на општинската зграда.


Инаку, освен во Струмица ЕУ има отворени „Europe house“ уште во Крива Паланка и Скопје. рт/ир