ЕКСКЛУЗИВЕН БИЗНИС НАСТАН: Практична обука за успешно работење на странските пазари!


Извозна Академија (Export Academy by Matrona Consulting) на 29.11.2023 во Гевгелија организираше обука на тема: КАКО ДО ПОГОЛЕМ ИЗВОЗ “Трендови за подигање на извозната подготвеност на извозно ориентирани претпријатија во преработувачката индустрија”.


Обуката беше дизајнирана за компании од преработувачката индустрија кои сакаат да започнат со извоз или кои веќе извезуваат и сакаат да го зголемат извозот.


Експерти во областа на меѓународната трговија споделија мислења, анализи и решенија за предизвиците со кои се соочуваат македонските компании од преработувачката индустрија во нивните интернационални активности во актуелниот миг. Се споделуваа инфомации за новите трендови, на кои ризици и опасности се изложени компаниите, како да се адаптираат и каде да ја бараат својата шанса во овие предизвикувачки времиња.

Учесниците на обуката се стекнаа со практични и едукативни информации, како до успешен извозен план, најдобри практики за логистика и дистрибуција во преработувачката индустрија, важноста на е-трговијата и стратегија за извоз, стандардите како неопходна алатка за подобрување на извозот, одредување на цената на производот во странство, најважните фактори за успех на меѓународните пазари и успешна подготовка на меѓународни саеми. Им благодариме на учесниците за учеството и за пофалбите за настанот споделени со нас.


Дел од предавачите на обуката беа Сашо Ристески од Македонска Асосијација на македонски преработувачи, Љупчо Велески од Витаминка, Михајло Евросимовски од Евросимовски Консалтинг, Владимир Петковски од Економски Институт УКИМ Скопје,  и Тања Евросимовска од Матрона Консалтинг.

Огромна благодарност до Марта Наумовска Грнарова од Завар Компани и Завар дизајн, Александар Ацковски од Тиквеш Винарија и Бојан Јованоски од Комфи Ангел кои несебично ги споделија своите стратегии за пристап кон странски пазари на учесниците на обуката за време на панел дискусијата за успешни приказни.


Особено голема благодарност до градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов кој ја отвори обуката и ја нарече економски форум поради големата бројка на учесници, кои дури и ги изложуваа своите производи и благодарност до Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија за поддршката и учеството на обуката.

Триглав Осигурување и Прокредит банка беа дел од обуката кои споделија информации за осигурување на извозните побарувања и за подобностите за компаниите извознички за користење на нивните услуги.


Export Academy by Matrona Consulting е професионална и научна организација во Северна Македонија која се занимава со извоз и интернационализација на македонските компании, користејќи ги во пракса потврдените професионални искуства на врвни експерти, научни истражувања, вмрежувања и соработка со авторитетни индустрии од странство.