Breaking News

Економски форум: Под еден отсто од жените во земјава се на високи корпоративни позиции, во Европа над 12 проценти


На лидерските позиции да ги имаме најквалитетните луѓе, независно дали се мажи или жени, да ги срушиме табуата за машки и женски професии, порачаа денеска учесничките на панелот „Жените во првите редови на одржливиот развој“ што се одржува во рамки на Економскиот форум во Скопје.


Како што истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, поразителен е фактот дека во земјава застапеноста на жените на високи корпоративни позиции од два, паднал на нешто под еден процент, за разлика од Европа каде изнесува околу 12 отсто.


-За разлика од европскиот просек каде нешто над 12 проценти жени се на високи корпоративни позиции, кај нас таа бројка, за жал, падна од два отсто на нешто под еден процент што е навистина загрижувачки факт. Значи, жените, практично, на високите корпоративни позиции скоро и да не можат да дојдат зашто таа можност не им се дава. Освен во банкарството, во останатите сфери многу тешко добиваат можност да покажат дека можат да постигнат резултати, рече Арсовска.

Осврнувајќи се на активностите во однос на родовата еднаквост во Град Скопје, таа напомена дека на сите им се даваат еднакви можности за напредување во карирата. Воедно потсети и дека е формиран Советот на женско претприемништво, пример што почнаа да го следат и другите општини. Прв пат, потенцира Арсовска, жена го води главниот град, што е исто така многу важно.


-Мора да се рушат табуата, треба почесто да разговараме за родовата еднаквост, да дојдеме до тоа на лидерските позиции да ги имаме најквалитетните луѓе, независно дали се мажи или жени. За тоа треба рушење на табуата на машки и женски професии. Професиите да ги делиме на тешки и лесни, на добро и слабо платени. Жените кои се навистина квалитетни да решат да ги имаат првите позиции, истакна професорката од ФЕИТ Христина Спасевска.

На панелот беше посочен и проблемот со честите парламентарни избори. Секоја нова влада, како што беше речено, менува нешто што било приоритет на претходната и тоа ја прави средината непредвидлива за приватниот секлтор, но и за граѓаните. мч/лв/