„Економик тајмс“: Поради санкциите кон Русија променети бродските рути


Танкерите со гориво денес патуваат по подолги и поскапи рути и испуштаат повеќе штетни гасови, цртајќи нова поморска карта во трговијата со енергенси, што е изменета од западните санкции кон Русија и нејзините производители на енергија, објави индискиот весник „Економик тајмс“.


Весникот повикувајќи се на два неименувани извора наведува дека поради ембаргото на Европска Унија, руските танкери со нафтени деривати како што се бензин, дизел и авионско гориво денес патуваат до Бразил од 16 до 18 дена, а на американските бродови им треба исто толку време за да испорачаат гориво во Европа. Пред санкциите, танкерот од Русија до Европа патувал од четири до шест дена.


Откако ЕУ воведе санкции кон Русија, вредноста на индексот за танкерскиот превоз (БЦТИ) според кој се потрошеното гориво на најпрометните рути во светот, зголемено е повеќе од двојно.

Новата поморска карта ги нагласува индиректните последици од западните напори да ја казни Русија за нејзината инвазија врз Украина, со поголема неизвесност и повисоки цени во време кога владите се борат со инфлацијата и заканата од светска економска криза.


– Не само што патувањата се многу подолги, однесувањето на бродовите исто така се промени, и сега им е забранет пристапот на други пазари за чисти нафтени продукти (ЦПП), истакна аналитичарот за товарен превоз во нафтената аналитичка компанија „Вортекс“ (Vortex), Дилан Симпсон.

Испораките на руско гориво сега патуваат до далечни купувачи во Бразил, Турција, Нигерија и Мароко, додека Москва се обидува да го надомести изгубениот европски приход. Европа, од друга страна, увезува повеќе гориво од Азија и Блискиот Исток.


Претставници на рафинериите во Азија тврдат дека руското гориво во Африка и во источен Медитеран денес е заменето со енергенс од Азија, што привремено се пренасочува во магацините во Сингапур.

Европските увозници кои чекаа четири дена за испорака на нафта од руските пристаништа до Антверпен пред руско-украинската војна, сега чекаат 18 дена за товар од САД, истакна неименуван извор.


Денес, САД се главниот снабдувач во Европа со тешка нафта, а Бразил, традиционален увозник на американска нафта, се сврте кон Русија поради поатрактивни цени.

Сепак, патувањето од Русија до Бразил може да потрае 18 дена или подолго, со трошоци по патување до седум милиони долари, што е речиси двојно повеќе од трошоците за испорака од САД. Бидејќи бродовите патуваат на подолги дестинации, се поставува и прашањето за повисоки емисии на јаглерод.

Врз основа на податоците пред пандемијата, зголемувањето на километражата од 10 отсто на сите танкери во односите со Европската економска област ги зголемува нивните емисии на јаглерод диоксид за околу 1,5 милиони тони. Тоа одговара на годишната емисија од околу 750.000 автомобили во Европа, изјави Валентин Симон од бриселското здружение Транспорт и животна средина. ми/

фото: ЕПА

Њу Делхи, 7 април 2023 (МИА)