Breaking News

Деспотовски: Воведовме јасни и транспарентни правила, резултатот е зголемен обем на инвестиции


„Воведовме транспарентен пристап и јасни правила на доделување државна помош за инвеститорите. Во соработка со „Прасјвотерхаус Куперс“ изработивме методологија за доделување на државна поддршка, која по точни критериуми согласно она што го добиваме како импут од самата компанија на почетокот на процесот на разговори, доаѓаме до одредена структура на поддршка. И досега сме имале систем каде повеќе институции ги разгледуваат барањата и сепак поддршката се доделува по определена методологија. Но ние сметавме дека треба да бидеме чекор понатаму особено поради фактот што сакаме да ги видиме ефектите и да ги зајакнеме ефектите од помошта која се дава на компаниите, било да се странски или домашни,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Според Деспотовски, овој пристап во изминативе три години придонесе кон зголемување на обемот на инвестиции бидејќи се гарантира предвидлива инвестициска средина.


Деспотовски објави и дека се обновени разговорите за отворање на филмски студија во ТИРЗ, проект во кој беше вклучен и американскиот актер Џон Малкович, разјаснувајќи ги причините за првичните реакции во однос на проектот.


„Не настана никаков спор, едноставно самата компанија, односно претставници н компанијата кога разговараа со повеќе претставници на Владата, меѓутоа, кога беа кај мене, се стекна впечаток дека фокусот во тој момент беше повеќе на комерцијален недвижен имот, отколку на филмските студија. Така што, мојата реакција во јавноста кога добив прашање, сосема сум отворен за комуникација на сите овие работи кои ја засегаат или се од интерес на јавноста, мојот став беше јасен, а јасен е и сега. Тоа е дека не ни требаат странски инвеститори за развивање на комерцијален недвижен имот, од аспект на странски стратешки инвеститор, со таков статус.

Имаме обновени разговори во последните неколку недели, каде самата компанија и нејзините претставници тука се повеќе фокусирани на тоа што беше номинално и фокус, а тоа е развивање на филмските студија. Работиме со нив на тој процес, до каде ќе стигнеме, ќе видиме. Нашиот став е доколку навистина се заинтересирани да покажат интерес и донесат финансиски средства и проекти во делот на филмските студија, апсолутно сме заинтересирани да им дадеме шанса како и на сите останати и ќе продолжиме да работиме во тој правец,“ појасни Деспотовски


Во однос на претстојните избори, според Деспотовски добар знак е тоа што сите политички партии постигнаа договор и што се редовен термин како доказ за стабилноста на државата. Сепак смета дека тие ќе бидат своевиден референдум.

„Изборите реално ќе бидат раскрсница како референдум. Бидејќи во изминативе неколку години се искристализираа ставови кои партии се про ЕУ, но и оние кои не се директно анти ЕУ, но се партии кои зборуваат за ЕУ но не преземаат никакви конкретни чекори во таа насока,“ рече Деспотовски. Според него многу поважно од тоа кој ќе прави коалиции е што ќе им се понуди и испорача на граѓаните уште во првите шест месеци.


„Најважно е да се дефинираат јасни принципи, вредности и програма и што ќе направиме во првите шест месеци од новиот мандат. Резултатите во анкетите се последица на тешки одлуки кои се преземени во изминативе шест години во интерес на државата, секако се последица и на грешки и пропусти кои сме ги направиле како политичка партија и владејачка гарнитура. И затоа е многу поважно е не кој ќе биде во коалиција, туку да се договориме кои се клучните вредности и принципи, и кои се лицата кои ќе застанат позади таков тип на програма. Убеден сум дека ќе ја формираме следната влада,“ рече Деспотовски