Breaking News

Демократски сојуз: Почнува расправата за формирање независна агенција за борба против висока корупција и организиран криминал


По долги години отпор од партиите, денеска Парламентот треба да ја почне расправата по Предлог законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, поднесен од пратеникот Павле Трајанов.


Со усвојувањето на овој закон се создаваат услови за искоренување на криминалот од функционери и други лица инволвирани во висока корупција.


За првпат во Македонија се формира независна Агенција за борба против тешките облици на криминал, над која нема да има партиско и политичко влијание или влијание од носителите на високи политички и државни функции.

Во законот се вградени системски решенија кои ја гарантираат самостојноста на Агенцијата при откривање и документирање на криминал со огромни димензии. Оваа Агенција треба да открива тешки облици на криминал, да поднесува кривични пријави, да предлага конфискација на имотот стекнат на криминален начин, како и да предлага забрана на политичко дејствување.


Со Агенцијата ќе раководи директор кој ќе го избира борд од 12 лица со висок интегритет и резистентни на политички и коруптивни влијанија.

Во Агенцијата ќе се ангажираат (околу 40) врвни професионалци, со посебни права и овластувања.
Инаку овој закон е дел од проектот ДЕКРИ, по чиј урнек вакви независни институции се формираа во БиХ, Србија, Хрватска, Словенија, Англија, Црна Гора и други држави. Само во Македонија постоеше и постои отпор да се формира независна институција за борба против организинираниот криминал, која нема да можат да ја контролираат партиите.


Во време кога Македонија е високо криминализирана, кога секојдневно се соочуваме со информации за криминал и корупција од високи размери, кога постојните институции се партизирани и парализирани, ги повикуваме пратениците да ги надминат теснопартиските интереси и да гласаат за започнување на борба против криминалот кој ги разорува институциите и државата во целина.

Демократски сојуз