Breaking News

Дали пушачите се болни или едноставно не се свесни за подобри опции?


Основниот пристап за откажување од пушење, кој вклучува препишување лекови и менување на однесувањето, односно оставање на цигарите, истовремено го ограничува чувството на слобода на избор и може да ја поттикне долготрајната зависност на луѓето од медицинската терапија, смета д-р Џон Ојстон, анестезиолог од Торонто, кој е активен учесник во бројни иницијативи за намалување на пушењето и се залага за побезбедни извори на никотин за возрасните пушачи.


Во авторски текст за порталот Filter, Ојстон наведува дека откажувањето од цигарите треба да се гледа како слободна одлука на потрошувачот, а не како медицинска процедура и посочува дека медицинскиот пристап може да ги стигматизира пушачите како зависници и да го попречи процесот на откажување од цигарите, како и дека терапијата и лековите покажуваат ограничена ефикасност во помагањето на луѓето да се откажат од пушењето.


Ојстон вели дека електронските цигари и другите помалку штетни алтернативи на цигарите обезбедуваат побезбедна испорака на никотин во споредба со цигарите, а тој ја посочува достапноста како главна предност на алтернативите во однос на лековите на рецепт. Како позитивен пример, тој ја наведува Велика Британија, каде до 2023 година околу 2,7 милиони луѓе целосно преминале од традиционални на електронски цигари, кои можат да ги купат насекаде, од бензински пумпи до супермаркети, и истакнува дека ниту еден лек за откажување од пушење досега немал споредливо влијание.

„Наместо да ги третираме како пациенти, можеби е подобро да се препознаат пушачите како рационални и интелигентни потрошувачи кои едноставно не се добро информирани за достапните опции за консумирање никотин“, вели Ојстон, додавајќи дека сегашната регулатива за побезбедни никотински производи често е заснована на политика, а не на наука, што резултира со различни пристапи низ светот во борбата против пушењето.


Тој наведува дека иако Светската здравствена организација повикува на забрана или медицински третман на електронските цигари, постојат многу побезбедни алтернативи кои треба да бидат слободно достапни без медицински надзор.

„Различните држави дозволија широка употреба на е-цигари, уреди што го загреваат тутунот или орални тутунски и никотински производи – што во секој случај резултираше со драматичен пад на пушењето традиционални цигари на ниво на популацијата. Во рационалниот свет, електронските цигари, уредите за загревање на тутунот и оралните производи треба да бидат достапни – и продавани секаде каде што луѓето можат да купат цигари. Би требало да доаѓаат во низа различни вкусови, со даночни стапки поставени за да ги поттикнат луѓето да се префрлат од цигари на алтернативи без чад“, смета докторот.


Сепак, како што понатаму се наведува во текстот, се чини дека лекарите и здравствените работници имаат ирационален приговор на побезбедните никотински производи, можеби затоа што се натпреваруваат со медицинските програми за одвикнување од пушење или затоа што сметаат дека секоја немедицинска употреба на никотин е опасна и неморална.

„Точните информации можат да им помогнат на 1,25 милијарди пушачи да ја преземат контролата врз своето здравје со префрлање на помалку штетни никотински производи, што би можело да спречи стотици милиони смртни случаи. Важно е потрошувачите да бидат транспарентно информирани и да го оценат секој производ што содржи никотин според неговите карактеристики. Откажувањето од цигарите треба да биде избор на потрошувачите, а не на медицински препишаните терапии“, заклучува д-р Џон Ојстон.