Breaking News

Бочварски: Продолжуваме со најголемиот инвестициски циклус во патната мрежа


Владата преку Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта и оваа година продолжи со историски најголемиот инвестициски циклус во изградба и модернизација на патната мрежа насекаде низ земјата, изјави министерот Благој Бочварски на граничниот премин Меџитлија каде се врши рехабилитација на државниот патен правец Битола-Меџитлија.


Инвестираме, рече министерот Бочварски, преку милијарда евра за да изградиме квалитетни патишта, да ја развиеме економијата, на граѓаните да им овозможиме брз и безбеден сообраќај, а притоа земјата да ја поврземе преку модерни патишта во регионот, како показател дека сме силно фокусирани на европската перспектива.


-Знаеме колку е важно патното поврзување и добрата инфраструктура за жителите на Пелагонија особено со квалитетно поврзување со централниот дел од земјата како и со соседна Грција. Овој патен правец од Битола до граничниот премин Меџитлија е токму таков. Преку 3 милиони евра инвестираме за овој патен правец да го издигнеме на ниво на модерен, безбеден и пред се пат кој ќе биде во функција на бизнисот и граѓаните од регионот. Ако земеме предвид дека ова е пат кој не поврзува со Република Грција како единствена меѓународна патна врска во овој регион, тогаш значењето е уште поголемо бидејки истиот е дел и од европскиот коридор 10-д. Се работи со полн интензитет и очекувам роковите да бидат запазени, нагласи министерот Бочварски.

Патниот правец Битола-Меџитлија е во должина од 12,5 километри, ширината е променлива и се движи од 6 до 6,5 метри и има 5 мостови. За целосна рехабилтација на овој државен пат обезбедени се средства од ЕБОР во висина од 3,27 милиони евра.


-Завршени се подготвителните работи, а во моментов се врши гребење на асфалтот во правец од граничниот премин Меџитлија кон Битола. Предвидениот рок за извршување на градежните работи е до крајот на јули и со оглед дека градежната сезона и времето се на наша страна, очекуваме брза и квалитетна реализација, изјави директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми.

На прес конференцијата кај граничниот премин Меџитлија беше соопштено дека паралелно со рехабилитацијата на овој магистрален пат, следниот месец почнува најголемиот капитален проект за Пелагонија а тоа е изградбата на автопатската делница од Прилеп до Битола како дел од пакетот изградба на автопатските делници на коридор 8 и 10 д.мт/лв/


Фото: МИА

Битола, 23 март 2023 (МИА)