Битиќи: Во земјава се подобрува стандардот на живот, но не можеме да очекуваме за еден ден да го постигнеме стандардот на ЕУ


Подобрувањата и сите чекори кои ги преземаме не носат кон крајната цел – европска Македонија, но очекувањата треба да бидат реални. Креираме можности, но не може да се занемари трендот во цела Европа, па и подалеку, дека луѓето бараат подобри услови за живот на други места, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.


– Креирањето на нови работни места, кои се поврзани со четвртата индустријализација и кои имаат висока додадена вредност и повисоки плати, е европската Македонија која сакаме да ја видиме. Не можеме да очекуваме дека за еден ден ќе го постигнеме стандардот на Германија или на која било земја членка на ЕУ. Тоа е процес во кој сите заедно сме влегле и ќе го постигнеме. Во нашата земја се подобрува стандардот на живот, но може да дебатираме и дискутираме дали се прави со брзината со која сите би сакале и ја очекуваме, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање што прави Владата за да го спречи одливот на млади кадри од државата.


И јас и моите деца, посочи тој, живееме во оваа земја и сме одлучиле дека ќе живееме во оваа зема и дека заедно ќе ја градиме иднината со подобар живот.

– На сите наши граѓани кои одлучиле да отидат во странство им укажувам дека работиме за да го подобриме квалитетот на животот и оти конечно државата е на правиот пат и дека наскоро ги очекувам назад за да придонесат за својата земја со нивните знаења и вештини, порача Битиќи во изјава по средбата со директорот на „ТАВ Македонија“ Метин Батак во Владата.


Системот и институциите ги креираат луѓето, а луѓето, додаде Битиќи, сме сите ние кои сме дел од општеството.

– Во суштина подобрувањето и на системот и на институциите, но и на севкупното живеење во државата го правиме сите ние. Мојот личен став е дека со личен пример треба да се погрижиме да го подобриме системот. Ако го следиме личниот пример сметам дека секој ќе придонесе за многу брзо да се подобрат состојбите, посочи Битиќи. вј/сп/


Фото: МИА архива

Скопје, 17 март 2023 (МИА)