Breaking News

Битиќи: Мораме да ја смениме економската структура на нашата држава


Досега недоволно сме направиле за економијата да биде конкурентна на глобално ниво. Имаме недостатоци или сме многу увозно зависни или имаме недостаток на доволно ресурси без разлика дали човечки или други и не секогаш имаме доволно јасни, прецизни и навремени политики, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на панелот „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата” во рамки на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: Како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата”, во организација на Стопанската комора.


Тој посочи дека полека мораме да ја смениме економската структура на нашата држава.


-Иако има подобрување, последните четири години во криза ни покажаа дека треба да имаме една цел – да креираме поконкурентна економија. Во година на справување со кризи може да зборувате за краткорочни приоритети и мерки, но јас сметам дека е време да зборуваме и за краткорочни и за долгорочни приоритети. Краткорочните треба да се насочат да одговорат на секојдневните потреби за да не се дозволи да влеземе во рецесија. Долгорочните, пак, треба да одговорат на предвидливоста, рече Битиќи и додаде дека нема предвидливост ако нема долгорочни и јасни приоритети.

Како прв краткорочен приоритет го посочи задржувањето на инфлацијата на стапките кои се предвидуваат, а како втор – справувањето со енергетската криза.


-Мислам дека со сите преземени мерки во 2023 година влегуваме како поприлично поспремни во делот на ставање на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија во функција, но и вложување во нови енергетски капацитети, потенцира Битиќи.

Како трет краткорочен приоритет ја посочи помошта во одржувањето на ликвидноста на компаниите и додаде дека во 2022 година, која беше кризна, за поддршка на инвестициите се дадени 30 милиони евра што е најмногу досега при што 98 отсто од поддржаните компании се домашни кои се одважиле да направат инвестиции во претходната година. Четврт краткорочен приоритет, посочи, е справувањето со недостигот на работна сила кој е клучен приоритет за подобрување на продуктивноста.


-Ние сме една од ретките држави во која има висока стапка на невработеност, а има недостиг на работна сила. Годинава еднаш за секогаш ќе ја отвориме табу темата дали во нашата држава може да увеземе работна сила за да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на економијата, најави Битиќи.

Сметам, додаде, дека зголемувањето на патите е добро за зголемување на продуктивноста, но потенцира, се покажа дека и покрај зголемувањето на патите продуктивноста е уште ниска.


-Затоа мораме да го смениме пристапот. Не можеме цело време да се бориме со заштита на нашата работна сила која е невработена, а при тоа тие да одбиваат работа и економијата да трпи. Не можеме да имаме ни јавни инвестиции ако немаме увоз на работна сила во земјава. За жал таква е состојбата и ние еднаш за секогаш мора да се справиме со тоа, посочи Битиќи.

Како долгорочен приоритет ја истакна 20-годиншната националната развојна стратегија за развој на државата чиј процес на креирање започна пред една година.

-Мора да се одважат сите чинители долгорочно да постапуваме. Сите чинители ќе бидат активни при креирањето на националната развојна стратегија. Треба да поставиме одредена предвидливост и да креираме јасна визија за нашата земја, потенцира Битиќи. вј/аа/