Breaking News

Битиќи: „Митилинеос“ ќе овозможи 36.000 домаќинства да се приклучат на парно


Една од најголемите придобивки од стратешкиот инвестициски проект за когенеративна гасна централа што треба да ја гради „Митилинеос“ е овозможување на приближно 36.000 нови домаќинства да се приклучат на градската топловодна мрежа, вели потпретседателот на Владата за економски развој Фатмир Битиќи во интервју за Либертас.


– Со овој проект конечно ќе се остварат плановите од 60-тите и 70-тите години на минатиот век, кога била планирана целокупната топловодна мрежа на Скопје, и ќе се реализира она што требало да се направи пред околу 30 години, а тоа е затворање на топлотниот прстен околу Скопје. Со тоа ќе им се овозможи на околу 36.000 нови домаќинства да се приклучат на градската топловодна мрежа, а сметките за испорачана топлинска енергија за секое наше домаќинство да се намалат за околу 30-40% од сегашните цени – вели Битиќи.


Вицепремиерот објаснува дека когенеративната централа е со многу висока вредност во поглед на ефикасноста во искористувањето на природниот гас, што автоматски ќе значи производство и на топлинска и на електрична енергија по многу конкурентни цени.

– Оваа инвестиција не треба да ја гледаме само од аспект на економски и енергетски придобивки туку и од перспектива на здравјето на граѓаните на Скопје, кое сериозно е загрозено од неквалитетниот воздух. Со изградбата на оваа електрана ќе се создаде можност 36.000 домаќинства наместо да се грејат на струја или дрва, да преминат на парно греење. Со тоа емисијата на штетни гасови за загревање на домовите значително ќе се намали. Централа ќе значи и унапредување на квалитетот на јавното здравје – посочува Битиќи.


Тој ги отфрла критиките кои доѓаат кон „Митилинеос“ како израз на профитно мотивирана желба да се стопира овој стратешки проект и да продолжи да се загрозува здравјето на Скопјани, на сметка на полнењето на приватни џебови.

– Согласно деловниот план кој ни е доставен за период од 30 години државата ќе има приходи меѓу 120 и 150 милиони евра. Или во бројки, на секое евро вложено во проектот, по основ на државна помош, во буџетот на државата ќе се слеат меѓу две или три евра – вели тој.


Инвестицијата на комбинираната електро и топлинска централа на грчкиот инвеститор „Митилинеос“ е во вкупен износ од околу 290 милиони евра, износ кој досега го нема достигнато ниту еден енергетски објект изграден од независноста до денес. Ќе има производствен капацитет од 165 мегавати електрична енергија и максимум од 105 мегавати топлинска енергија, што е еквивалент на потребите на околу 100.000 домаќинства, како и топлинска енергија која е доволна да ги задоволи потребите на околу 36.000 домаќинства. „Митилинеос“ е најголемата приватна енергетска компанија во Грција, со вкупен сопствен капацитет од 14.000 мегавати електроцентрали, и повеќе од 5.400 вработени.