Битиќи – Лематрие: Вложувањето во истражување и развој е влог во идниот раст и развој


Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска во Брисел оствари средба со директорот на Директоратот за истражување, технолошки развој и иновации на Европската Комисија Марк Лематрие, на која двајцата соговорници зборувале за чекорите кои Северна Македонија ги презема за поттикнување на инвестициите и вложувањето во истражување и развој, што, како што истакна вицепремиерот Битиќи, е исклучително важно за постигнување на посакуваниот развој во економијата но и во целокупно унапредување на општествените процеси.


Вицепремиерот Битиќи изразил задоволство од резултатите на програмата „Хоризонт Европа“ каде Северна Македонија е со статус на асоцијативна земја членка.


– Хоризонт Европа, програмата на ЕУ која финансира проекти за конкурентност и иновации е програма која претставува новост за нас, но никогаш не се двоумевме да бидеме нејзин дел. Процентот на успешност според последниот извештај на Европската Комисија е 16 отсто што не прави рамноправни со другите земји членки на ЕУ, рече Битиќи.

Битиќи и Лематрие, како што соопштија од Влада, зборувале и за процесот на креирање на стратегијата за Паметна специјализација, која е исклучително важна за развојот на нашата земја, и која користејќи ги сите податоци достапни на институциите треба да даде одговор кои се нашите конкурентски предности, и во кој правец треба да го движиме нашиот економски развој.


На крајот на разговорот, вицепремиерот Битиќи го споменал и првиот дигитален асистент во јавниот сектор – АДА кој наскоро треба да биде промовиран и јавно достапен, на што Лематрие бил пријатно изненаден и истакнал дека тоа е пионерски исчекор во сферата на дигитализацијата во јавен сектор, па дури и за Европската Унија. см/сп/