Breaking News

Бесими на средбa во ЕXIM Банка: Приоритет на Владата се инвестиции во инфраструктурни проекти кои се двигател на економскиот раст


Реализација на крупни јавни проекти во областа на патната и железничката инфраструктура, енергетиката, како и заштитата на животната средина, се приоритети на Владата и на Министерството за финансии што се поставени високо на листата. За таа цел Во Буџетот за оваа година се проектирани 800 милиони евра за капитални расходи, кои се скоро двојно повеќе во однос на претходната година и отпочнати се повеќе проекти, за кои се обезбедуваат средства, покрај од буџетот и од меѓународни финансиски кредитори.


Ова меѓу другото го навел министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата во Вашингтон со Рeта Џо Луис, претседател на Одборот на директори на EXIM Банката, на која присуствувале и заменик-потпретседателот Рита Мурел и Уфо Ерик Атуани, виш потпретседател, на која се разговарало за можностите за обезбедување финансиски средства за проектите на кои работи државата.


– Станува збор за стратешки инфраструктурни проекти, кои се одвиваат во повеќе години и кои ќе бидат значаен двигател на економијата и ќе имаат придонес во економскиот развој на земјата, која се стреми да стане членка на ЕУ. Следува значаен инвестициски циклус на проекти, не само во патната и железничка инфраструктра, туку и здравството, образованието, дигитализација и иновации, зелени инвестиции и слично. Дополнително покрај средствата обезбедени од Буџетот, очекуваме со спроведување на усвоениот владин План за забрзување на економскиот раст да поттикнеме и приватни инвестиции, кои заедно се проценуваат на околу 12 милијарди евра, рекол министерот Бесими се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Тој се осврнал на конкретни проекти што се работат во земјава и нивната финансиска конструкција, како и на поддржувачите на тие проекти, како Светска банка, ЕБОР, ЕИБ, КвФ развојната банка, УНДП, ЕУ фондовите и слично. При тоа, посочил дека портфолиото на јавни проекти што се спроведуваат во соработка со меѓународните финансиски институции, во следниот седумгодишен период се проценува на околу седум милијарди евра. Бесими упатил и на активностите што се преземаат со цел проектите да имаат успешна реализација.


Министерот за финансии Фатмир Бесими во рамки на посетата на САД, ќе оствари средби и во Трезорот на САД,а ќе учествува на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд. цр/са/

Фото:Министерство за финансии


Скопје, 12 април 2023 (МИА)