Бектеши – Филиповиќ: Со размена на искуства во енергетскиот сектор до поголема соработка меѓу Скопје и Загреб


Билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Хрватска и можноста за нејзино зголемување во иднина, беше главна тема на денешната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со хрватскиот министер за економија и одржлив развој, Давор Филиповиќ, на маргините на Министерскиот состанок на Партнерството за трансатланска енергија и климатска промена (P-TECC), што се одржува во Загреб.


На состанокот, како што информираа од Министерството за економија, присуствуваа и генералните директори на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и на „НОМА Гас“, Бајрам Реџепи.


Тема на разговор на средбата беа и мерките што ги превземаат двете земји во справување со енергетската и ценовната криза со која што се соочува целиот европски континент, како и за инвестиции во обновливи извори на енергија.

Бектеши и Филиповиќ


Бектеши истакна дека во процесот на трансформација на енергетскиот систем во Северна Македонија што се случува во моментов, Хрватска ја гледаме како земја од која може да ги користиме искуствата во делот на складирање на електрична енергија од обновливи извори на енергија, од Законот за инфраструктура за зелена енергија како и искуствата кои ги имаат во делот на воспоставување на Фонд за енергетска ефикасност и одржлив развој.

Министерот за економија истакна дека во реформскиот процес во Северна Македонија честопати се земени предвид позитивните примери и реформи во Хрватска, кои се покажале како успешни и се воспоставени многу соработки со Хрватска. сст/сп/


Фото: Министерство за економија