Breaking News

Банката на Грција предвидува раст за 2,2 отсто и пад на инфлацијата на 4,4 проценти за 2023 година


Раст од 2,2 отсто и пад на инфлацијата на 4,4 проценти за 2023 година, предвидува гувернерот на Банката на Грција Јанис Стурнарас, презентирајќи го годишниот извештај, јави дописничката на МИА од Атина.


Стурнарас рече дека според последните проценки на Банката на Грција, за грчката економија предвиден е раст со стапка од 2,2 отсто во 2023 година, „што е значително над просекот во еврозоната, но очигледно понизок отколку во 2022 година“.


Во однос на инфлацијата, објасни дека иако останува релативно висока, се очекува значително да се забави во 2023 година на 4,4 проценти, додека пак врз основа на достапните податоци, „Банката на Грција проценува дека во 2023 година општиот владин буџет ќе се врати на примарен суфицит од 0,7 отсто од БДП, по три последователни години на дефицит.

-И покрај последователните и повеќеслојни кризи во последните години, грчката економија покажа извонредна издржливост. Ова се должи и на тековното спроведување на реформите и на спроведувањето на кредибилни политики, истакна Стурнарас.


Осврнувајќи се на претстојните избори, порача дека е потребна одговорност од политичките сили, како и поддршка за националните економски цели, „за да се задржи климата на доверба во перспективите на грчката економија“. ср/ссм/

фото: архива


Атина, 7 април 2023 (МИА)