Breaking News

Бабилис: Изборот на нашата компанија за Универзален снабдувач ќе донесе нов квалитет на пазарот и ќе значи сериозна придобивка за  домаќинствата


Донесовме одлука да учествуваме во јавниот повик на универзален снабдувач за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, потврди главниот и извршен директор на ЕДС, Милтиадес Бабилис, во интервју за Фактор. Од ЕДС велат дека како компанија се комплетно подготвени за оваа одговорна улога во државата и  очекуваат транспарентна постапка. Јавноста треба да знае дека нашата понуда ќе биде многу конкурентна и со пониска маржа и затоа не сакаме да веруваме дека со политичка одлука може да се спречи поевтина струја за граѓаните, изјави Бабилис.


„Согласно законите за јавни набавки и енергетика зад ЕДС стои корпоративниот углед, но и активата на ППЦ. Како што говорев, станува збор за релативно млад пазар кој што се уште се соочува со почетни предизвици, но очекуваме дека целата постапка за избор на нов универзален снабдувач за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде транспарентно спроведена, со почитување на начелата за фер конкуренција и дека ќе биде донесена одлука од која што најголема придобивка ќе имаат граѓаните.  И токму она што е најголем интерес на граѓаните, го имавме ние како компанија предвид при подготовката за овој повик. Јавноста треба да знае дека нашата понуда ќе биде многу конкурентна и значително пониска маржа.  Не сакаме да веруваме дека со политичка одлука може да се спречува поевтина струја за граѓаните. Без да звучам претенциозно, но важно е да се знае дека фактичката состојба упатува на заклучокот дека во извесна смисла ЕДС на одреден начин ги субвенционира дел од државните и општински институции, но и целата економија, изјави Бабилис.


Токму долговите на струја од страна на јавните претпријатија  само кон ЕДС изнесуваат неколку милиони евра. Од компанијата велат дека имаат  доволна финансиска моќ да ги заштитат сите останати клиенти кои редовно ги подмируваат своите обврски, секако со поддршка на ППЦ, но апелираат за еднаков третман за сите снабдувачи на електрична енергија.

„Во справувањето со овие проблеми, ЕДС секогаш тежнее да обезбеди соработка со јавните институции и бараме начин да им излеземе пресрет, но секогаш инсистирајќи на взаемна почит. Секако, во една прилика апелиравме до Владата за еднаков третман на сите снабдувачи со електрична енергија бидејќи сведоци сме дека државата интервенираше во повеќе наврати кога јавни институции должеа кон ЕВН, но слична интервенција изостанува кога станува збор за долгови на ист таков вид на претпријатија кон нас или пак кон некој друг од снабдувачите со електрична енергија на слободниот пазар, изјави Бабилис.


Како компанија, вели Бабилис, успеале успешно да одговорат на предизвиците од минатата година, работат посветено во насока на испорачување врвни услуги за  клиентите, но во фокусот на амбициите на компанијата за наредниот период е повикот за универзален снабдувач

„Во фокусот на нашите амбиции за наредниот период е повикот за универзален снабдувач бидејќи сме уверени дека изборот на нашата компанија ќе донесе нов квалитет на пазарот и ќе значи сериозна придобивка за субјектите, односно домаќинствата и малите потрошувачи, кои се снабдуваат со електрична енергија на регулираниот пазар, изјави Бабилис.


Првиот човек на ЕДС во однос на цените на електрична енергија вели дека енергетскиот пазар е променлив и на него влијаат повеќе фактори, но дека анализите говорат за ниво на оптимизам во однос на цените на гасот и електричната енергија во текот на зимата 2023/2024 година.