Breaking News

АПИС: Доколку не ги прифатат нашите предупредувања и укажувања за Законот за игри на среќа ќе следи серија масовни протести


„Повторно сме пред Собранието со неколку стотици вработени во автомат клубовите и обложувалници, кои заедно со нас, согласно член 122 став 2 од Деловникот, бараат да присуствуваат на седницата на Комисијата за европски прашања, каде ќе се разгледуваат противуставните и скандалозни измени на Законот за игри на среќа’, изјави Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.


„За разлика од пред 20 дена, денес ја блокираме сообраќајницата како последно предупредување до пратениците дека не смеат и понатаму да не игнорираат.


Доколку не ги прифатат нашите аргументирани предупредувања и укажувања ќе следи серија масовни протести и други демократски форми за изразување незадоволство. Едноставно, една крајност по автоматизам создава друга крајност!

Ако пратениците навистина се убедени дека овие измени се ЗА заштита на младината, а не како што ние тврдиме, ЗА затворање на легалните објекти заради исполнување нечии бизнис апетити, тогаш нема ниту една причина да бегаат од соочување со нас.


Потценување на интелигенцијата е да се тврди дека дистанцата од 500 метри од образовни институции е заради заштита на младината, кога во исто време државата овозможува преку интернет, игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред. Преку онлајн игрите на среќа доволно е од дома некој да се вклучи на платформа и да игра.

Ние сме убедени дека сите пратеници, без разлика на нивната партиска припадност, многу добро знаат дека аргументите се на наша страна.


Евентуалното усвојување на измените во ваква верзија, ќе ја врати Македонија во 1990 кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња, диви играчници по подруми во секое маало, државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината навистина ќе биде загрозена.

Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции.
Државниот Буџет ќе изгуби 280 милиони евра годишен приход што е најмалку пет проценти од планираните државни приходи за 2024.


Клучната дилема е кој ќе понесе одговорност што заради предизборен популизам ќе се нанесат штети со далекусежни последици, кои ќе биде многу тешко да се санираат.

Уверени сме дека како најголем приватен работодавач, претставници на инвестиции од земји членки на ЕУ, општествено одговорни компании кои во континуитет градат партнерски однос со заедницата, имаме основано право да очекуваме нашиот глас да биде слушнат и преку една конструктивна дебата да најдеме вистински применливи законски решенија.

Апелираме до пратениците добро да размислат што гласаат. Илјадници Македонци од економски маки ги напуштаат своите родни огништа и си ја бараат среќата во туѓина. Не смееме да дозволиме најмалку 35 илјади луѓе да станат нови кандидати за иселеници во западните земји’, изјави Стоименов.