Breaking News

Ангеловска-Бежоска: По минатогодишниот раст на дефицитот на тековната сметка, на среден рок се очекува постепено намалување во просек на околу 3 отсто од БДП


Минатата година дефицитот на тековната сметка на платниот биланс, според октомвриските проекции, се проценува на околу 7 проценти од БДП, а на среден рок се очекува постепено намалување на околу 3 проценти од БДП во просек, изјави за „Блумберг“ гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на маргините на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на Еуромани.


Според гувернерката, зголемувањето на надворешно-трговскиот дефицит минатата година, доминантно како резултат на растот на цената на енергентите, влијаеше на проширување на дефицитот на тековната сметка, во услови кога останатите компоненти, а посебно приватните трансфери, имаа позитивно влијание.


Како што посочува, трговскиот дефицит, исто така, се очекува да се стабилизира на среден рок, што ќе резултира со стеснување на дефицитот на тековната сметка.

Ангеловска-Бежоска напомена дека поизразените притисоци на увозната страна, не се очекува значајно да ја загрозат надворешната рамнотежа, имајќи го предвид високото ниво на приватни трансфери, кои покриваат значаен дел од трговскиот дефицит.


-Во првите девет месеци од 2022 година тие достигнаа околу 1,8 милијарди евра, или за 30,5 отсто повеќе во однос на истиот период од претходната година. За годинава се очекува дефицитот на тековната сметка да се сведе на 5,6 проценти од БДП, а потоа да продолжи да се намалува под претпоставка за постепено исцрпување на негативните ефекти од војната во Украина и стабилизирање на цените на енергенсите. Финансиските нето-приливи во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка, создавајќи услови за дополнителна кумулација на девизните резерви на среден рок, додава Ангеловска-Бежоска.

Таа потенцира дека во целиот период на проекцијата се очекува задржување на девизните резерви на соодветното ниво, кои на крајот на декември минатата година достигнаа 3,8 милијарди евра, што е едно од историски највисоките нивоа на девизни резерви во земјава.бт/аа/


Скопје, 14 јануари 2023 (МИА)