Breaking News

АНАЛИЗА: Висока буџетска цел за 2024: железница, гасификација, нови училишта, реформа во полицијата – јавни инвестиции “тешки“ 731 милион евра


Во однос на сегашниот ребалансиран Буџет, со новиот за 2024 та се предвидува зголемување на капиталните инвестиции за 0,3% но во однос на првичниот Буџет за 2023 та сумата е намалена за 7,6%. Владата исцрта нови амбициозни буџетски цели за јавни инвестиции во 2014 та, пишува Порталб.мк. Вкупната сума за капитални инвестиции е позиционирана на 731 509 000 евра. Колку и за кои инвестиции ќе се одвојат најмногу пари во министерствата кои располагаат со поголеми буџети и позначајни проекти ?


Развоен дел на Буџетот за 2024


Во Министерството за транспорт се концентрирани највисоките износи за јавни инвестиции а салдото е значајно зголемено за 245 милиони евра преку ставката инвестиции во патна инфраструктура која го опфаќа пред се проектот Бехтел и Енка. Позначајна сума од 30,9 милиони евра е планирана за инвестиции во железничката инфраструктура при што околу 60% од средствата ќе се обезбедуваат од заеми. Поголем износ, скоро 2,1 милион евра, е планирана за системите за отпадни води. Предвидени се 9,8 милиони евра за локални патишта преку обезбедување на заеми. Вкупниот износ на планирани заеми за следната година изнесува 32,8 милиони евра.

Со повисоки износи за развојни проекти е Министерството за финансии. Конкретно преку Министерство за финансии – функции на држава до година ќе се потрошат вкупно 67,1 милион евра, од нив 58,2 милиони евра за проекти поврзани со ЕУ реформи во повеќе сектори и министерства. Преку развојниот дел на буџетот на Министерството за финансии планирани се близу 8,9 милиони евра наменети за проекти на општинско ниво.


Преку развојната компонента на Министерството за одбрана се планирани 111,1 милион евра – најголем дел или 95 милиони евра се за “Интеграција во НАТО“, за изградба и реконструкција на објекти се планирани 11,5 милиони евра а за модернизација 4,6 милиони евра.

Министерството за образование догодина ќе треба да потроши 12 милиони евра за реконструкција и изградба на основни училишта и спортски сали во основни училишта, 3,5 милиони евра за средни училишта и ученички домови додека за изградба и реконструкција на студентски домови 2,8 милиони евра. Ова министерството планира дел од овие проекти да ги оствари со заеми во износ од 4,7 милиони евра и уште 1 милион евра од донации.


Капитални инвестиции 2024 година

Министерство за транспорт 292 700 000 евра


Министерството за одбрана 111 133 000 евра

Министерство за финансии- функции на држава 67 100 000 евра

Министерство за образование 24 780 000 евра

Министерство за здравство 13 345 000 евра

Министерство за внатрешни работи 13 295 000 евра

Министерство за земјоделство 4 539 000 евра

Министерство за труд 2 270 300 евра

Следната 2024 та за реконструкција на охридската Специјална болница Св Еразмо- Охрид, за Клиника за хируршки болести Св.”Наум Охридски” од Скопје и други, преку развојниот дел на Министерството за здравство планирани се скоро 2,2 милиони евра а за медицинска опрема за сите здравствени установи, предвидени се 7,8 милиони евра. И во новиот Буџет се најдоа старите проекти, почнати а сеуште незавршени. Па така за Општа Болница Кичево се планирани 812 000 евра а двојно поголеми суми се планирани во следните години, 2025та и 2026 та. За изградбата на новите клинички центри во Скопје и во Штип догодина ќе се одвојат 2,5 милиони евра а најголем дел од оваа сума или 1,5 милиони евра планирано е да се обезбедат од заем.

Буџетот за развој на Министерството за внатрешни работи во 2024 та ќе изнесува 13,3 милиони евра. Од нив 8,8 милиони евра за реформи во полицијата а 4,5 милион евра за реконструкција и опремување на згради.

Во развојниот дел на буџет на Министерството за економија доминира проектот за гасификација за што се одвојуваат скоро 3,7 милион евра а за поддршка на мали и средни фирми предвидени се 1,3 милиони евра. Буџетот на Дирекцијата за ТИРЗ догодина ќе изнесува 12,4 милиони евра – пари кои ќе се трошат за инфраструктура во повеќето економски зони, освен во Скопје, Штип, Прилеп и во Струга, Струмица, Кичево , Куманово, Липково, Косел, Жабени.

Развојниот дел за инвестиции на Министерството за земјоделство изнесува 4,5 милиони евра. Од нив околу 1 милион евра се за модернизација во земјоделството, скоро 1 милион евра за хидросистемите Злетовица и Лисиче и 800 000 евра за проектот Наводнување на јужната долина на Вардар и уште 1,6 милиони евра за останатите системи за наводнување по должина на реката Вардар.

Преку Министерството за труд и социјална политика, за изградба и реконструкција на објекти за детска заштита се предвидени 1,1 милион евра а за објекти за социјална заштита и за домови за стари лица 276 000 евра. Позначајна сума од околу 812 000 евра е за поттикнување на вработувањето.

Од останатите ресори, Министерството за информатичко општество добива 2,8 милиони евра, Министерството за животна средина 711 000 евра а Министерството за правда ќе има 200 000 евра за развојни програми и проекти .