Breaking News

АНАЛИЗА: Бруто инвестициите во пад, без вложување нема економски раст!


Првиот квартал од годинава започна со раст на БДП од 2,1% но со пад на Бруто инвестициите за повеќе од 22%пишува Порталб.мк. Народната банка регистрираше раст на странските директни инвестиции – но што е базата на тој раст, нови гринфилд инвестиции или реинвестирана добивка?


СДИ: прилив од Турција, Холандија, Косово, одлив кон Британија, Италија, Грција, Бугарија …


Во првите три месеци од годинава вкупните странски директни инвестиции во земјава изнесувале 126,5 милиони евра. Во споредба со лани истиот период има намалување за 10,4 милиони евра.

                                       Странски директни инвестиции


1 квартал 2023                                    126,5 милиони евра

1 квартал 2022                                     136,4 милиони евра


1 квартал 2021                                       35,5 милиони евра

Според економистите многу е важно да се знае на што се должат овие бројки за состојбата на СДИ – на директни вложувања во форма на нови инвестиции или на реинвестирана добивка која може да заврши и надвор од земјава, како одлив.


“Странските директни инвестиции во првиот квартал се во пораст. Важно  е дали се работи за пораст  кој е генериран од реинвестирана добивка или е како резултат на нови вложувања. Реинвестираната добивка може но и не мора да остане во земјава. Се работи за заработени средства, средства од добивка кои фирмата не ги распределила како дивиденда, и тие теоретски можат да “лежат ” на банкарска сметка а по одреден период да се одлеат надвор од државата, но дотогаш се евидентираат како дел од странска директна инвестиција” – објаснува професорот, економист Борче Треновски.

                              Странски директни инвестиции

Реинвестирана добивка                                                  107,2 милион евра

Зголемените инвестиции во соп.капитал                     44,7 милион евра

Одливи по меѓукомпаниски долг                                  25,5 милиони евра

Овие податоци покажуваат дека во првите месеци од годинава голем дел од странските директни инвестиции се “потпираат” на реинвестирана добивка – колку ќе остане во или ќе се одлее надвор од земјава ќе покажат новите податоци. Во првиот квартал од годинава највисок износ на странски инвестиции е регистриран од Турција 33,4 милион евра, од Холандија 26,3 милиони евра и од Унгарија 15,4 милиони евра.

                         Странски директни инвестиции (1 квартал 2023)

                                         Турција                 33,42 мил,евра

                                       Холандија              26,31 мил,евра

                                         Унгарија               15,40 мил,евра   

                                          Косово                 12,72 мил,евра  

                                       Словенија              10,53 мил,евра

                                       Германија                  8,5 мил, евра 

Извор: НБРСМ

Но во првите три месеци има и позначаен одлив на инвестиции кон неколку земји кои важат за блиски и значајни инвестициски партнери на Македонија. Така повисоки износи на одлив на СДИ има кон Обединетото кралство во износ од 64,4 милиони евра,  Грција 13,3 милиони евра, кон Италија 9,5 милиони евра, Бугарија 5,7 милион евра.  Ланската 2022 заврши со салдо на нето директни инвестиции во износ од 670 милиони евра.

Според Заводот за статистика во првиот квартал од годинава Бруто инвестициите се во минус. Податоците за истиот период од годината покажаа раст на БДП за 2,1% но пад од 23,3% на Бруто инвестициите кои ги опфаќаат и приватните и јавните инвестиции. Конкретно во првите три месеци се регистрирани 829 милиони евра Бруто инвестиции, износ кој е значајно помал во однос на првиот квартал лани а голема е разликата и во однос на последниот од 2022.

                                Бруто инвестиции

1 квартал 2023                              829 206 000 евра

1 квартал 2022                           1 031 000 000 евра  

4 квартал 2022                           1 416 000 000 евра

Извор : ДЗС     

За годинава Владата предвиде околу 800 милиони евра за јавни, државни инвестиции, што е историски највисок износ, двојно поголем во однос на лани. Но вообичаено на крајот од годината реализацијата не се остварува во целост а првите кратења од оваа ставка се случуваат веќе со првиот ребаланс на Буџетот.