Breaking News

Албанското Собрание ја укина забраната за игри на среќа


Албанскиот парламент со 72 гласа „за“ и само два „против“ ја укина забраната за приредување игри на среќа воведена во 2019 година.


Одлуката е донесена на предлог на Европската комисија со цел сузбивање на „црниот пазар“, подигнување на нивото на буџетски приходи и обезбедување транспарентност во оваа економска дејност.


Последната одлука на властите во Тирана, покажа дека, брзите одлуки за затворање на обложувалници и казина се само популистички и контропродуктивни, односно во пракса ништо не се менува – коцкањето продолжува, но на „црно“. Тоа неминовно доведува до пораст на стапката на криминал, а државата останува без милиони евра од даноци кои ги плаќаат легалните приредувачи на игри на среќа.

Албанија со години не наоѓаше начини да го сузбие црниот пазар на игри на среќа, па на предлог на Европската комисија, која повеќепати укажуваше на овој проблем, повторно овозможи легално приредување на игри на среќа.


Одлуката на највисокото законодавно тело е резултат на повеќегодишни дебати меѓу експерти, економски аналитичари и политички групи, кои континуирано укажуваат на проблемот со „коцкањето на црно“ и се почестите случаи на „перење пари“.

Игрите на среќа и во Македонија во изминатиот период беа во фокусот поради измените на Законот на игри на среќа со кој што се предвидуваше објектите во кои се приредуваат игри на среќа да се дислоцираат 500 метри од образовни институции. Сепак измените иако беа изгласани во Собранието во постапка со „европско знаменце“ не стапија на сила откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот поради укажувањата од Брисел дека ЕУ знамето е несоодветно употребено, а законските измени немаат основа ниту во ограниченото европско законодавство.


Секторот игри на среќа во земјава вработува околу 10 илјади лица, а индиректно помага 54 до 100 илјади други работни места. Додека во буџетот од игри на среќа секоја година се слеваат над 280 милиони евра од даноци и други давачки со кои се задолжени приредувачите на игри на среќа.