Здравствена заштита базирана на вредност: квалитетна грижа по мерка на пациентите за оптимална цена


Страв, болка, операција, терапии, дијагностички лавиринти, неизвесност, контроли, најчесто се само дел од работите низ кои треба да помине еден пациент на кој му е дијагностициран карцином. Лекувањето и излекувањето на ракот е исклучително сложено, но не само во однос на самиот третман, туку и во однос на индивидуалниот пристап кон пациентот, бидејќи не сите луѓе се исти, немаат исти животни навики, не живеат во исти средини ниту пак имаат ист социјален статус. Поради ова, ефикасната координација во однос на лекувањето на која било болест која го става самиот човек во центарот на здравствената грижа е од исклучително значење.


Сето ова влегува во терминот „здравствена заштита базирана на вредност“ (анг. value based healthcare), пристап дизајниран да се фокусира на пет главни цели: да обезбеди најдобро искуство за пациентот, да ја унапреди здравствената правичност,  да ги подобри исходите од третманот на пациентите и да обезбеди здравствени услуги по достапни цени.


Силата на здравствена заштита базирана на вредност е модел кој ги зема предвид и исходите од третманот на пациентот од една страна и економичноста на тие медицински интервенции. Таа е клучна стратегија за квалитет во здравствените реформи која дава приоритет на подобрување на квалитетот на грижата за пациентот пред квантитетот и води сметка да се оптимизира цената на здравствените услуги долж патот на пациентот.

Вредносно-базираната здравствена заштита, едноставно кажано, претставува идеја за подобрување на квалитетот на здравствените услуги и резултатите кои им значат на пациентите, а постигнувањето на оваа цел се заснова на збир на промени во начинот на кој пациентот добива нега.


Овој модел дополнително ги надградува давателите на услуги за подобрување на здравјето на пациентите, спречување на хронични болести и промовирање поздрав живот.

Како всушност функционира здравствена заштита базирана на вредност?


Моделот фактички ги споредува квалитетот на животот, функционалниот статус и долгорочното здравје на пациентите со трошоците за обезбедување на таквата здравствена нега. Овој пристап го префрла фокусот од квантитетот (како што е бројот на процедури, анализи, пакетчиња лекови и сл.) на мерки кои ги максимизираат здравствените придобивки и бенефитот на самиот пациент (подобро здравје и квалитет на живот).

Како изгледа во практика здравствена заштита базирана на вредност?


Здравствена заштита базирана на вредност става акцент на интегрираната нега, што значи дека давателите на здравствени услуги работат синхронизирано за да го подобрат патот на пациентот а тоа вклучува да се постави точна дијагноза за што е можно пократко време со оптимизирање на потребните дијагностички процедури, да се даде навремено ефикасна терапија и да се следи пациентот на начин кој овозможува враќање кон физичка, ментална и социјална благосостојба на личноста. На овој начин, здравствените работници го третираат поединецот како целина, земајќи ги предвид објективните параметри на лекувањето, на пример дали е третманот ефикасен кај конкретниот пациент, како и субјективните потреби на лицето пр. дали пациентот чувствува болка, во каква психолошка состојба е, каков е неговиот квалитет на живот итн.

Токму затоа, тимовите за здравствена заштита освен што се интересираат за здравјето на поединците, тие можат да се фокусираат и на немедицински фактори кои би можеле да имаат директно влијание врз нивната благосостојба, како што се пристапот до сигурен транспорт или здрава храна, односите со семејството и општите услови за живеење. Понатаму, тие на пример, можат да ги поврзат поединците со дополнителни ресурси за најдобро да ги поддржат нивните здравствени потреби и цели, како на пример преку упатување до локални социјални услуги и програми.

Конкретен пример за ова е пациент со метастазиран рак на панкреасот, кој бил лекуван по принципите на здравствена заштита базирана на вредност во Мексико. Неговата прогноза за излекување не била ветувачка, со предвидлив и многу ограничен век. Пациентот не е хоспитализиран постојано, бидејќи тој решава да го искористи максимумот од неговото време. Еден ден, старателот на пациентот пријавил дека тој е збунет и нереактивен. Ова доведува до брза реакција од неговиот медицински тим во Њу Мексико, кој открива дека тој има низок крвен притисок, без треска или недостиг од кислород. Му биле дадени течности и антибиотици, бидејќи протоколот за тријажа вклучувал сепса без треска – чест, но многу занемарен проблем кај постари пациенти со метастатски карцином на панкреасот.

Состојбата на пациентот брзо се подобрила и тој бил примен во болница само на еден ден. Наместо да биде постојано во итната медицинска помош или да заврши на интензивна нега, тој се вратил дома. Живеел уште една година и постигнал многу од неговите замислени цели пред крајот на животот.

Кои се главните бенефити од здравствена заштита базирана на вредност?

  1. Трошоците за дијагностика и третман се оптимизираат и насочуваат таму каде што има најголем бенефит за здравјето и квалитетот на живот на самиот пациент. Хроничните болести, како што се ракот, кардио-васкуларните заболувања или дијабетот, се болести на модерното живеење чиј третман бара вложување на значајни средства од страна на државата. Сепак, на здравствениот систем не треба да се гледа како на трошок, туку како на инвестиција во поздрави и попродуктивни граѓани кои придонесуваат во тоа општеството. Моделите на здравствена заштита базирана на вредност, се фокусираат токму на тоа – да им се помогне на пациентите побрзо да оздрават, за да можат да го вратат побрзо, делумно или целосно квалитетот на живот кој го имале пред да се разболат. Како резултат на тоа, пациентите се соочуваат со помалку посети на лекар или денови поминати вон работа, се намалува потребата од медицински тестови и процедури, а пациентот добива ефикасни лекови со што и краткорочното и долгорочното здравје се подобруваат.
  2. Здравствените даватели на услуги работат оптимизирано и синхронизирано, без да трошат капацитети и средства за дуплирање на анализи и дијагностички процедури, а навремено дадените ефикасни терапии овозможуваат да се избегнат последици од несоодветен или задоцнет третман на пациентите. На тој начин, соодветната и навремена здравствена грижа го штити интересот на пациентите и спречува неефикасно трошење на средствата на граѓаните.
  3. Општеството се стреми да биде поздраво и порамноправно за сите, а пациентите добиваат здравствена грижа која ги зема во предвид нивните физички, ментални и социјални потреби.