Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за шпанската национална телевизија ТВ Еспањола изјави дека потпретседателот на Српската листа Милан Радоичиќ поднел оставка од таа функција.
-Радоичиќ не сака дополнително да ѝ наштети на Српската листа, рекол Вучиќ.
Тој истакнал дека Српската листа ја гледа како борци за слобода и дека сите Срби кои живеат на Косово и Метохија го мислат истото.
Во интервју за шпанската национална телевизија, Вучиќ ја опишал ситуацијата во Косово како загрижувачка. -Не знам дали тоа што се случи беше пресвртница.
Многу сум загрижен, бидејќи знам колку се агресивни Албин Курти и Вјоса Османи.
Особено кога веруваат дека имаат голема поддршка од дел од меѓународната заедница, а тоа ме загрижува и плаши, изјави Вучиќ. Властите во Приштина го поврзаа Милан Радоичиќ со пукањето во Бањска.
Косовската полиција денеска изврши претрес во зградата во која живее. Радоичиќ е на „црната листа“ на САД и му е забранет влез и бизнис во таа земја.
Тој беше ставен на листата поради наводни врски со транснационалниот организиран криминал. мс/фото: ЕПА .
Извор: МИА