Сообраќајот и транспортот во иднина ќе се темелат на зголемена употреба на таканаречената „чиста енергија“, односно, пред сè, на електрична енергија и водород. Решенијата во превозот мора да се бараат и во подобрена инфраструктура, доколку целта е да се постигнат одржливи решенија, како на локално така и на национално ниво.
Ова беше нагласено на дводневната Меѓународна конференција „Green Urban Transport Solutions“, која започна денес во Охрид. Научната средба, во заедничка организација на Општина Охрид, Техничкиот факултет во Битола, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и CIVINET Slo-Cro-SEE, ќе ги претстави европските искуства и позитивните практики во областа на одржливиот и еколошки чист транспорт, со цел да се достигнат светските стандарди и да се одржи чекор со глобалните текови.
„Тоа бара поголема отвореност и на државните и на локалните институции кон академската средина. Поголема вклученост на факултетите во сите процеси, преку експертиза, мислење, студии, за да биде достигнато саканото ниво на развиеност. Она што е најпотребно е државата да размисли на подобрувње на патната инфрастркура, а во рамките на градовите да се решат горливите прашања за да може да се фати приклучок“, рече професорот Методија Атанасовски, продекан за наука на Техничкиот факултет во Битола.
Транспортот, заедно со енергетиката, е еден од главните столбови на секоја економија, така што секоја политичка одлука треба да биде во насока на поголеми инвестиции во областа, како во замена на возилата за превоз, така и во делот на интегрални решенија за транспортот во градовите и меѓу нив. Што се однесува до загадувањето на воздухот, кое се повеќе се јавува како проблем во градовите во земјата, беше посочено дека не е само транспортот фактор што влијае на загадувањето, туку и дека е еден од факторите кои сигурно влијаат на квалитетот на воздухот во урбаните средини и на животната средина во целина.
Развојните проекти во односната сфера во државите во регионот се реализираат согласно препораките на ЕУ, со согласност на сите шест држави од Западен Балкан како потписнички на Договорот за климатска неутралност и зелената агенда на Унијата. „Препораките за државите од Западнниот Балкан се истите оние какви што се за државите-членки на Унијата – достигнување климатска неутралност. Германија како членка на ЕУ мошне високо ја цени подготвеноста на шесте економии од регионот да работат на уредување на проблематиката согласно решенијата во рамки на Унијата. Тоа значи дека работиме на исти цели во развојот, за што секако ќе следи и соодветна поддршка од наша страна“, изјави Иван Шад, прв секретар на ГТЗ во Тирана.
Експертот од ЕУ исто така потенцираше дека транспортот во голема мера влијае на загадувањето на воздухот во целиот регион, со потенцијал за усвојување подобри решенија во областа на урбаната мобилност. „Намалувањето на емисијата на гасови што предизвикуваат загадување треба да се бара преку фокусирање кон почеста секојдневна употреба на велосипеди за транспорт, потоа е-транспорт. Што се однесува на транспортна поврзаност меѓу градовите и државите, тука треба да се работи на подобра патна инфраструктура, но и преку проекти за железничко поврзување меѓу државите“, додаде Шад.
На собирот беше истакнато и дека предизвиците во транспортот мора да се надминуваат преку експертизи, студии, со донесување издржани решенија базирани на добри практики и знаења. Надим Беговиќ, во име на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, која работи на интегрирање на пазарот на транспорт во Западен Балкан со оној на ЕУ, истакна дека целта е обединет транспорт на континентот, со идентични стандарди. „Главен предизвик во достигнувањето на обединет пазар на транспорт е одржлива мобилност, со крајна цел намалување на емисиите на јаглероден диоксид и остварување на „зелената агенда“. Градовите во регионот се меѓу најзагадените во Европа, оттаму е мошне важно да се работи на изнајдување решенија за намалување на емисиите на штетни гасови во јавниот транспорт“, рече тој.
Проблемот со загадувањето во градовите предизвикан од неразвиениот јавен превоз ќе биде едно од главните прашања за кои ќе се разговара на Конференцијата во Охрид.