23/05/2025

Во март, годишен раст на депозитите 12,7%, а на кредитирањето 12,3%.


Вкупните депозити на годишно ниво во март покажуваат пораст од 12,7%, што произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен удел на депозитите на секторот „домаќинства“.


Вкупните кредити, од друга страна, се покачени за 12,3% како резултат на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор, објави Народната банка.


Во март 2025 година, паричната маса регистрираше месечен пораст од 0,6%, претежно поради повисоките краткорочни депозити, со помал раст и на готовите пари во оптек, во услови на намалување на депозитните пари и долгорочните депозити до две години.

На годишна основа, растот изнесува 10,9% и е резултат на зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити, долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек.


Вкупните депозити во март реализираа месечен пораст од 0,6%, целосно поради зголемените депозити на корпоративниот сектор.

На годишна основа вкупните депозити бележат зголемување од 12,7%, што произлегува од повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.


Вкупните кредити, во март, се зголемија за 1,0% на месечно ниво, како резултат на порастот на кредитирањето на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Годишниот пораст изнесува 12,3% и во поголем дел потекнува од зголемените кредити на корпоративниот сектор, при зголемување и на кредитирањето на секторот „домаќинства“.


Во март годинава, вкупните депозити на корпоративниот сектор покажуваат пораст од 3,0% во споредба со претходниот месец, пред сѐ поради повисоките краткорочни депозити во странска валута, при дополнителен пораст и на краткорочните депозити во денари, додека останатите компоненти бележат пад.

На годишна основа, растот изнесува 13,3% и во најголем дел е резултат на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и краткорочните депозити во денари, при помал пораст и на долгорочните депозити во денари и во странска валута.

„Кредитите на корпоративниот сектор5, овој месец, се зголемени за 0,9% и 15,3% на месечно и на годишно ниво, соодветно.“

Нагорната месечна и годишна промена во целост произлегува од повисокото кредитирање во денари, во услови на намалување на кредитите во странска валута.

Вкупните депозити на домаќинствата, во март се намалени за 0,1% на месечна основа.

Притоа, промената пред сѐ се должи на намалувањето на депозитните пари, при помал пад и на долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните депозити во денари и во странска валута и долгорочните депозити во денари забележаа пораст.

Овие депозити се зголемени за 12,9% на годишна основа, во поголем дел како резултат на зголемувањето на депозитните пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута.

Кредитите на домаќинствата, овој месец, бележат месечен и годишен пораст од 1,1% и 9,6%, соодветно, којшто е резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.

Во март, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е остварен месечен раст од 1,0% и 1,6%, при годишно зголемување од 9,2% и 13,9%, соодветно.

Овој месец, автомобилските кредити забележаа пад на месечна основа од 1,1%, додека на годишна основа се повисоки за 3,4%.

Во март, кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,8% и 9,0% на месечно и на годишно ниво, соодветно.

Негативните салда на тековните сметки, во март, се зголемени за 5,1% на месечно ниво, при годишен пад од 2,4%, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 0,3% и 8,2% на месечна и на годишна основа, соодветно, се наведува во соопштението од НБ.