17/03/2026

Во Крива Паланка социјален дијалог за унапредување на средното стручно образование


Општина Крива Паланка во соработка со средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од градот организираше дискусија со воспитно-образовните институции и бизнис-секторот од градот на тема „Учи паметно работи стручно“.


Средбата се организира во рамки на воспоставениот дуален модел на стручно образование на локално ниво со цел негово унапредување. Денеска се водеше конструктивен социјален дијалог за да се идентификуваат реалните потреби од сручни кадри на бизнисот од една страна, како и дефинирање на наставните планови и програми, уписните политики и условите за престојниот конкурс за упис во средните улишта и потребата од отварање на нови профили или паралелки во СОУ „Ѓорче Петров“ за учебната 2023/24 година, од другата страна.


Во рамки на средбата беше констатирано дека искуството од воведувањето на дуалниот модел на стручно образование и учење низ пракса во СОУ „Ѓорче Петров“, се покажало како најефикасен начин за учење и стекнување со квалитетни знаења, во одредена стручна област, низ пракса, информира службата за комуниакција со јавност на Општина Крива Паланка.
Градоначалникот Сашко Митовски истакна дека воспоставениот дијалог меѓу компаниите и училиштата отпочнат со кампањата на Министерството за образование и наука „Учи паметно-работи стручно“ продолжува веќе трета година по ред и во оваа општина, а досегашното одлично искуство се базира на примерот на вкупно пет дуални паралелки во СОУ „Ѓорче Петров“.

-Благодарение на компаниите-партнери на училиштата, сите ученици што учат во овие паралелки стручно и практично се усовршуваат и имаат одлични шанси веднаш по образованието да добијат и вработување. Истовремено, сакам да им се заблагодарам на компаниите за соработката и да повикам, низ дијалог, заеднички да ги утврдиме реалните потреби на пазарот на трудот и потребите на локалните комапнии, за да отвораме можности учениците да се вклучат и обучат, за да се остручи подготвен кадар за тие работни места, рече Митовски.


Повика компаниите и училиштата да дејствуваат синергично за оспособување што поголем број работна сила- млади луѓе, да можат да бидат продуктивни и задоволни и полесно да се вработат во иднина.

Досега во дуално образование се опфатени пет паралелки во СОУ „Ѓорче Петров“: машинска струка и електротехничка, двете во соработка со ДЕМА-СТИЛ ДОО КриваПаланка и АД Пролетер за автомеханичар, угостителско –туристичка струка во соработка со Парк Гиновци, ДООЕЛ, здравствена струка-медицинска сестра, во соработка со Медицински центар Крива Паланка и градежно – геодетска струка во соработка со ЈП „Комуналец“ Крива Паланка и „Хантерс“ ДООЕЛ Скопје. ид/сст/