Изложба на фотографски слики од фотографот Атанас Нашоку – Саку од Битола, насловена „Мраз“ беше отворена вечерва во Домот на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, во чест на празникот на виното Свети Трифун.
– Станува збор за познат битолски фотограф кој минатата година славеше 55 години творештво. Објективот на Атанас Нашоку – Саку е вперен во честички од простор-времето.
Овој (механички) поглед не е втренчен, туку само прецизен и конкретно спуштен врз површините на стварноста и така набљудувајќи ги површините на реалноста ги прикажуваат надреалистичките својства на фотографијата, рече директорката на Домот, Јулијана Туриманџова.
Таа додаде дека надреалноста на фотографијата е пак впишана во нејзината суштина, во самото удвојување на реалноста, во стварноста од втор степен, која сепак е подраматична од стварноста која е предмет на природно набљудување.
– Фотографските слики на кои сме изложени во склоп на изложбата, се паридигма за уметникот и неговиот медиум и нивното место и влијание врз светот.
Плодот, мразот, трагите на времето се оние нешта од кои се сочинети ликовните сентенци.
Атанас Нашоку – Саку ги поместува можностите на фотографијата до крајни граници, одземајќи и ја на фотографијата површната наративност. Неговите фотографии не објаснуваат, тие потврдуваат.
Ја потврдуваат убавината и нејзината вечност, подвлече Туриманџова. свд/мд/Фото: МИА .
Извор: МИА