17/03/2026

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово одбележани 26 години од формирањето на SEEBRIG


Денес, во кумановската касарна „Боро Менков“ со достоинствена церемонија беа одбележани 26 години од основањето на мултинационалната бригада SEEBRIG, како дел од процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM) – две значајни иницијативи кои го зајакнуваат регионалниот одбранбен дијалог и безбедносната соработка во Југоисточна Европа.


На прославата, министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето излагање пред присутните високи функционери од земјите-членки, меѓу кои и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Генералштабот на романските вооружени сили, генерал Георгита Влад, потенцираше дека SEEBRIG како еден од најуспешните проекти во рамките на SEDM, во изминативе 26 години се покажа како најдобар инструмент за заемно разбирање и развој на способностите на земјите членки.


“Работејќи заедно, рамо до рамо во регион кој секогаш се стреми кон мир, сигурно можеме да бидеме уште поефикасни во обезбедувањето безбедност и просперитет за нашите граѓани”, рече Мисајловски.

Тој додаде дека фактот што во изминативе пет години Командата на Бригадата на Југоисточна Европа е стационирана во Куманово, претставува јасен показател за нашата непоколеблива верба во регионалната соработка која гради мостови и ги обединува нашите вооружени сили.


Мисајловски нагласи дека сите држави кои се дел од Бригадата имаат исти вредности – мир и благосостојба, посебно важно денес во време на геополитички поместувања и несигурност.

“Мораме да одиме напред, да продолжиме да ја градиме нашата отпорност, нашите капацитети и нашето заедничко разбирање. Ја градиме нашата подготвеност, како гаранција дека реалноста на денешницата ќе биде наша реалност утре”, истакна министерот Мисајловски.


Тој изрази благодарност до Симона Кожакару за нејзината преданост како досегашен претседавач на Секретаријатот на SEDM и на Политичко-воениот управувачки комитет и му посака успех на амбасадорот Елефтериос Ангхелопоулос, кој ќе ја преземе оваа функција во следните две години.

Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1998 година во Скопје, каде што беше потпишан Договорот за формирање на мултинационалната мировна сила Југоисточна Европа. Досега, командата на Бригадата на ротациона основа беше сместена во Пловдив, Констанца, Истанбул, Трнавас, Лариса и Куманово. Во 2026 година, командата повторно ќе биде дислоцирана во Истанбул, Турција.


Во текот на изминатите 26 години, Бригадата имаше учество во многубројни мировни мисии, меѓу кои и во ISAF мисијата во Авганистан, каде ја презеде командата над Кабулската мултинационална бригада. Исто така, организирани се 14 биенални вежби „Seven Stars“, кои се најзначајни во регионот и опфаќаат учество на повеќе од 200 војници од девет држави.