19/11/2025

Во Делчево потпишан Договорот за рехабилитација на земјоделскиот пат во Долни Бавчи


Градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски, директорката на Центарот за развој на ИПР, Зујица Ангелова и претставничка од изведувачот на работите СД-ТРАНС, денеска го потпишаа Договорот за рехабилитација на земјоделскиот пат во месноста Долни Бавчи во Делчево.
Рехабилитацијата на земјоделскиот пат во Долни Бавчи се реализира преку Центарот за развој на ИПР во рамките на проектот „Подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба на пристапни патишта во подрачјата со земјоделска дејност и обработлива површина во ИПР“ на МЗШВ, при што во Делчево ќе се рехабилитира земјоделскиот пат во должина кој води од мостот на улица „Индустриска“ покрај реката Брегалница во месноста Долни Бавчи во должина од 1000 метри.
Вредноста на Договорот за изградба на овој земјоделски пат како што информираа од Општината е околу 1,2 милиони денари. Оттаму додадоа дека работите на терен треба да започнат со подобрување на временските услови, а согласно Договорот, треба да завршат до средината на месец април оваа година.
Градоначалникот Трајковски нагласи дека со реализацијата на овој проект ќе се реши проблемот со пристапот до земјоделските површини и индивидуалните земјоделски стопанства во месноста Долни Бавчи во Делчево и се решава уште еден проблем на земјоделците.
–Земјоделците кои имаат земјоделски површини и објекти во месноста Долни Бавчи, за прв пат добиваат соодветна патна инфраструктура. Тоа значи, полесен пристап до земјоделските површини или до нивните индивидуални земјоделски стопанства. При поројни дождови беше оневозможено движењето со возила и со земјоделска механизација до земјоделското земјиште на овој терен. Како Општина го слушаме гласот и потребите на граѓаните и со еден сериозен пристап, бараме трајно решавање на проблемите, истакна Трајковски.
Минатата година беше завршена рехабилитацијата на земјоделскиот пат с. Вирче-с. Град во должина од 1.320 метри, исто така, со поддршка на Центарот за развој на ИПР, а во атарот на Општина Делчево, наредниот период се планира и рехабилитација на земјоделскиот пат во месноста Средни Бавчи. вс/ир