11/03/2026

Влатко Сулев:  Компаниите за дојдовен туризам се двигател на растот и развојот на туристичкиот сектор во Македонија


Компаниите за дојдовен туризам се од исклучително значење за развојот на туристичкиот еко систем во земјава. Тие носат туристи од странство кои престојуваат во наши хотели, јадат во македонски ресторани, користат такси, туристички водичи, посетуваат музеи, археолошки локалитети, купуваат домашни сувенири. Нивното значење за развојот на туризмот во земјава е огромно. Од успешните договори кои ќе ги направат со странски тур оператори, комплементарни позитивни ефекти има за целата домашна економија. Странските туристи носат свеж капитал во земјата кој има мултипликативен ефект: создавање на работни места, поддршка на микро и мали бизниси поврзани со туризмот, раст на региони надвор од главните центри кои поинаку не би се развиле. Странците оставаат пари во земјава, и колку се тоа туристи со поголема куповна моќ, и доколку доаѓаат во текот на целата година, толку се поголеми бенефитите. И затоа е многу важно да се промовираме во земји и реони кои имаат голем туристички потенцијал, истакнува Влатко Сулев,  Претседател на НАИТМ.


Од асоцијацијата истовремено ја поздравуваат програмата за промоција и развој на туризмот за 2026, во која ќе биде вклучен и приватниот сектор. Истакнуваат дека зголемениот број на авио линии од нашите аеродроми кон светот се одличен предуслов за развој на туризмот, и дека сега е ред и на Министерството за култура и туризам да поддржи релевантна промоција на туристичките потенцијали на земјава низ светот, и да ги поддржи системски агенциите за дојдовен туризам, како најодговорни субјекти кои организирано носат странски туристи во земјава.


Во Македонија, бројот на странски гости расте но потенцијалот е многу поголем, што отвора можност туризмот како економска гранка да биде уште позначајна за економијата. Дојдовниот туризам поттикнува развој на нови услуги, влијае позитивно на развојот на инфраструктурата и човечките ресурси. Поттикнува развој и во рурални и помали туристички дестинации, но и регионална поврзаност и зголемен авиосообраќај.


Во време кога глобалните туристички трендови се движат кон автентични искуства и побарувачка за нови дестинации, туризмот во земјава е и пред предизвикот да се дигитализира и да креира уникатни туристички понуди. Имаме што да понудиме екотуризам, гастро туризам, историја и култура, активен планински туризам, но недоволно се промовираме, а и понудата не е дигитализирана.

Токму затоа во периодот кој следи НАИТМ ќе обезбеди силна поддршка за дигитализација на туристичките субјекти во земјава, со цел тие да имплементираат дигитални решенија (ефикасен систем за онлајн резервации, дигитален маркетинг, побрза онлајн интеракција итн.) и да бидат поконкурентни. Паралелно со ова, НАИТМ ќе ја продолжи засилената промоција на дестинацијата преку организација на FAM тури и roadshow на клучни пазари, како и со активно учество на меѓународни саеми и професионални workshop-и, со цел директно поврзување со тур-оператори и медиуми и зголемување на видливоста и продажниот потенцијал на македонските туристички производи. Во овој сегмент активно работиме и на поддршка на агротуризмот и на унапредување на понудата, при што веќе се во тек конкретни активности со нашите партнери за развој и промоција на автентични локални искуства и услуги.


Улогата на компаниите за дојдовен туризам не треба да се потцени. Тие не само што носат економска додадена вредност, туку и креираат подлога за развој на целиот туристички еко-систем, од инфраструктура и мал бизнис до дигитализација.