17/06/2025

Владина делегација на Николоски во Лондон за договорот за стратешко партнерство


Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, престојува во посета на Обединетото Кралство денес и утре. За време на посетата, ќе биде потпишан меѓувладин договор во склоп на договорот за стратешко партнерство помеѓу двете држави. Со ова, Македонија добива досега најголем обем на средства за остварување на капитални проекти, во вредност од шест милијарди евра.


Престојот на Николоски е по официјален повик од британската влада, а доаѓа по вчерашното усвојување на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство од страна на Владата.


Во владината делегација, предводена од Николоски, се наоѓаат и заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, министерката за образование, Весна Јаневска, како и директорот на ЈП за Железничка Инфраструктура, Синиша Ивановски.

Целта на договорот што ќе биде склучен е воспоставување партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти во областите на здравството, транспортот, технологијата, енергетиката, дигиталната трансформација и други важни сектори во Република Македонија.


Планираните проекти според договорот вклучуваат изградба и реконструирање на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија, за што се проценува дека ќе бидат потребни до две милијарди евра. Исто така, околу 200 милиони евра би чинела изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, како и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградба на нова болница со нов здравствен дом во Кичево.

Според агендата, Николоски денес ќе се сретне со Дејм Анџела Игл, министер за гранична безбедност и азил во британското Министерство за внатрешни работи, која е одговорна за справување со илегалната миграција. Тој исто така ќе има средби со претставници од Инструментот за финансирање.


Утре е закажана главната церемонија на потпишување на меѓувладиниот договор.

На документот ќе се потпишат вицепремиерот Николоски и Герет Томас, министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија во Обединетото Кралство.


Предвидена е и средба со директорот на авиокомпанијата Рајанер, од која се очекува да произлезат нови летови кон Скопје.

Николоски оцени дека потпишувањето на меѓувладиниот договор претставува историски момент, бидејќи станува збор за најобемен договор што Македонија досега го постигнала со држава која е клучен западен сојузник и светска велесила.

– „Тоа не е која било држава, тоа е втората светска сила, држава со која имаме одлична соработка во рамки на НАТО Алијансата, дел е од западната цивилизација, става на располагање најмногу средства и за мене е наважен политичкиот момент бидејќи влегуваме во партнерство со клучен западен сојузник што јасно ја дефинира политиката на Владата, но исто така и позицијата на Македонија како прозападно ориентирана држава и држава која ги почитува евроатланските вредности.“

– „Исто ми е драго што Обединетото Кралство објави дека постигнале договор со ЕУ, што значи дека во еден пакет ги имаме трите клучни сојузници на Македонија, тоа е ЕУ, Обединетото Кралство и САД“, истакна вицепремиерот Николоски.

Николоски вчера соопшти дека е многу значајно што согласно со Договорот ќе се разменуваат знаења и искуства, користејќи експертиза од Владата на Обединетото Кралство и од британски деловни субјекти за поддршка на реализација на проекти, но и за трансформација на јавната администрација и приватниот сектор со експертиза од бизнис заедницата од ОК, но и од владините агенции.

-„Оваа соработка ќе биде во согласност со важечкото законодавство, правилата и политиките на секоја од двете земји.“

-„Учесниците ќе работат заедно да ги истражат можностите за мобилизирање средства за финансирање на проекти и што е многу значајно, Владата на Обединетото Кралство го потврдува интересот и капацитетот преку Инструментот за финансирање на извозот или УКЕФ, со што става на располагање 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра за реализација на проекти во Македонија“, рече Николоски, потенцирајќи дека финансирањето ќе оди исклучиво со реализација на проекти во рамки на сумата која е на располагање.

Според него, условите за враќање и каматните стапки за средствата од договорот ќе бидат поповолни од било кое досегашно позајмување. Финансирањето ќе биде директно поврзано со проектот.

-„Кај некои проекти рочноста ќе е пократка, кај некои ќе е подолга, ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџет, но исто така и од реализацијата на проектите“, рече Николоски.

Во однос на каматните стапки, тој посочи дека „иницијално можно е да се движиме и под стапката на инфлација“, но деталите ќе бидат објавени за месец, до месец и половина.

Премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер минатата недела, на средбата одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, постигнаа согласност за договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Британија, кој се оценува како историски и ќе значи уште посилна билатерална соработка и можност за зајакнување на политичкиот дијалог.

вг/са/Фото МИА архива.

Извор: МИА