Европа е “наш сојузник”, но не смее да остане “постојан вазал” на САД во поглед на безбедноста и трговијата, рече денес американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во разговор за британскиот веб-сајт UnHerd.
“Ја сметаме Европа за наш сојузник. Ние едноставно сакаме сојуз во кој Европејците ќе бидат малку понезависни, а тоа ќе се одрази на нашите безбедносни и трговски односи”, изјави Венс.
Тој потенцираше дека “не е добро за Европа, ниту е во интерес на Америка, Европа да биде постојан вазал на САД во областа на безбедноста”.
По враќањето во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Европејците да одвојуваат повеќе средства за сопствената одбрана и остро ја критикуваше Европската унија, обвинувајќи ја дека практикува неправедна трговска политика кон САД.
Венс, исто така, повеќепати ги критикуваше европските лидери, велејќи во говорот во Минхен во февруари дека тие не се борат доволно силно против имиграцијата и дека слободата на говор во Европа е загрозена.
“Реалноста е таква – брутално е да се каже, но вистина е – дека целата европска безбедносна инфраструктура е субвенционирана од Соединетите Американски Држави уште од моето раѓање”, рече Џеј Ди Венс.
Тој додаде дека “повеќето европски држави, со исклучок на Франција, Обединетото Кралство и Полска, немаат армии способни да гарантираат разумна одбрана”.
На почетокот на март, тој ги изненади Европејците со тврдењето дека за Украина, склучувањето економски договор со САД би било “подобра гаранција за безбедност од 20.000 војници од земја која не водела војна 30 или 40 години”.
“Не мислам дека понезависна Европа е лоша работа за САД”, подвлече тој, додавајќи дека верува оти посилна Европа можела да ја избегне “стратешката катастрофа” од војната што ја започна во Ирак коалицијата предводена од САД во 2003 година.
Осврнувајќи се на разговорите меѓу Лондон и Вашингтон за билатерален економски договор, Венс изјави дека тие имаат “добри шанси” да резултираат со “одличен договор што ќе биде во најдобар интерес за двете земји”.
паг/Фото: ЕПА .