17/06/2025

Велика Британија со нов пакет санкции против Русија, таргетирани директори на компании


Велика Британија денес прогласи свеж сет на санкции против Русија, вклучувајќи и блокада на средствата на повеќемина директори на нафтената трговска куќа “Coral Energy Group”, која денес е позната под името “2Rivers Group”.


Овие санкции се дел од поопсежен пакет кој опфаќа и приближно 100 танкери од руската, како што ја нарекуваат, “флота во сенка”, и беа воведени истовремено со состанокот на водачите на безбедносниот сојуз Заеднички експедициски сили (JEF) во Норвешка.


На листата на лица против кои се воведени санкции се најдоа Ахмед Керимов, Тахир Гарајев, Анар Мадатли, Талат Сафаров и Етибар Ејуб, за кои се тврди дека “имале корист од или ја поддржувале руската влада”, како директори на компанијата “Coral Energy Group”.

Според достапните информации, фирмата “Coral Energy” е основана од Гарајев во 2010 година и имала свои претставништва во Дубаи и Сингапур.


Во текот на 2024 година, Сафаров, Керимов и Мадатли го презедоа раководењето и извршија ребрендирање на фирмата во “2Rivers Group”.

Британските власти посочија дека “Coral Energy” оперирала во енергетскиот сектор, кој е од стратешка важност за Русија.


Во декември 2024 година, “2Rivers” беше ставена на британската листа на санкции, а компанијата тогаш изрази “длабоко разочарување” поради таа одлука.

Фото: 2Rivers Group