17/06/2025

Велика Британија договори нови спогодби и ги зајакна врските со ЕУ


Владата на Обединетото Кралство денес објави дека постигнала нови спогодби со Европската Унија со цел да ја зајакне соработката во одбраната, да ја олесни размената на прехранбени производи и да ги упрости граничните контроли.


Спогодбите се постигнати на денешниот Самит во Лондон, каде што британскиот премиер Кир Стармер се состана со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.


Стармер изјави дека спогодбите ќе ја намалат администрацијата, ќе го стимулираат стопанството на Велика Британија и ќе ги ревитализираат односите со ЕУ, откако Обединетото Кралство ја напушти Унијата во 2020 година.

Во согласност со спогодбите, новото партнерство за одбрана и сигурност меѓу Велика Британија и ЕУ ќе му овозможи на Лондон пристап до програмата за позајмување за одбрана на ЕУ во вредност од 150 милијарди евра.


Останатите спогодби подразбираат укинување на одредени контроли на производи од животинско и растително потекло за да се олесни прекуграничната трговија со храна, како и 12-годишно продолжување на договорот што им дозволува на рибарските пловила на ЕУ да навлегуваат во британските води.

“Време е да гледаме напред. Да ги оставиме настрана старите дебати и политички битки и да најдеме разумни, практични решенија што се најдобри за британскиот народ”, посочи Стармер по првиот Самит на Велика Британија – ЕУ што се одржа во Лондон.


По Брегзит, Велика Британија забележа пад на извозот во ЕУ за 21 процент.
ми/фото: ЕПА