Еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји денеска изрази оптимизам во однос на можноста Северна Македонија да стане членка на Европската Унија до 2030 година.
Вархеји, одгововарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, истакна дека тој е секогаш оптимистичен во однос на членството во ЕУ, бидејќи тоа е всушност неговата работа.
-Како прво секогаш сум оптимистичен за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ, рече Вархеји.
Еврокомесарот за проширување нагласи дека доколку Северна Македонија испорача и ги исполни условите за влез во ЕУ ќе има позитивни одлуки од страна на ЕУ.
Тој на прес-конференцијата истакна дека 16. Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, кој прв пат се одржува во Скопје, го покажал високото ниво на ангажман, кое ЕУ го има со Северна Македонија и силните врски со земјата.
-Тоа исто така треба да се разбере како силен политички сигнал од нас, од ЕУ кон Северна Македонија, без разлика дали станува збор за спроведување на ССА, што е основата на нашите односи или пак станува збор за нашите економски, политички односи или, пак, е самата перспектива на државата насочена кон ЕУ. Тоа што го симболизира овој состанок е дека Северна Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ, истакна еврокомесарот за проширување. ац/сп/
Скопје, 17 март 2023 (МИА)