17/03/2026

Условите за работа на индустриските капацитети се заоструваат, изгласан Закон за контрола на емисиите


Со Законот за контрола на индустриски емисии, кој вчера беше одобрен од Собранието, одлуките за Најдобри Достапни Техники (НДТ) од европските директиви стануваат задолжителни за домашните индустриски објекти.


Тие ќе мора да ги усогласат своите работни услови и континуирано да ги намалуваат негативните ефекти врз животната средина.


Во изјава за МИА, заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, изјави дека се заоструваат стандардите за функционирање на индустриските капацитети, со што ќе се редуцираат дозволените концентрации на емисиите. “Законот се носи првпат во државава и ќе значи почист воздух, вода и почва, помало создавање отпад и подобра заштита на здравјето”, објасни таа. “Граѓаните ќе добијат поголема сигурност дека индустријата функционира со намалено влијание врз нивното секојдневие”, додава Лашкоска.

Таа најави дека надзорот ќе се извршува преку мерења на емисиите во воздух, вода и почва, спроведени од овластени лаборатории. Во случај на откриени отстапувања, таа најавува дека ќе бидат дадени опомени и рокови за корекција, а во отсуство на усогласување ќе следуваат парични казни и прекин на работата, односно одземање на интегрираната дозвола.


Правните прописи што ги регулираат индустриските емисии во нашата земја се во сила од усвојувањето на Законот за животна средина (2005 година), кој всушност целосно ја пренесува старата европска директива за индустриски емисии (Directive 96/61/EC of 24 September 1996).

Со новата Директива на ЕУ во врска со индустриските емисии (Directive 2010/75/EU), се менува пристапот кон употребата на НДТ заклучоците, кои со новиот закон стануваат задолжителни. Што, според Лашкоска, значи дека индустриските капацитети ќе мора да ги усогласат своите работни услови со најдобрите достапни техники и континуирано да ги намалуваат негативните влијанија врз животната средина. “Со оглед на фактот дека нашата држава има уведено систем на издавање на интегрирани еколошки дозволи од 2005-та, како за индустриските капацитети така и за администрацијата интегрираниот систем не преставува новина”, рече таа.


“Но, со новиот Закон, односно со примената на НДТ заклучоците се заоструваат условите при работа на индустриските капацитети, односно дозволените концентрации на емисиите ќе се намалат”, објасни таа. Државните институции, пред сè Министерството за животна средина и инспекторатите, ќе бидат одговорни за издавање на дозволите, контрола на почитувањето и транспарентно информирање на јавноста, изјави заменик-министерката Лашкоска.

“Тоа ќе значи почист воздух, вода и почва, помало создавање отпад и подобра заштита на здравјето”, истакна таа. “Граѓаните ќе добијат поголема сигурност дека индустријата функционира со намалено влијание врз нивното секојдневие”.


Заменик-министерката појаснува дека најавениот интегриран пристап за следење на емисиите се постигнува преку една интегрирана постапка, како и издавање на една интегрирана еколошка дозвола, која ги опфаќа сите аспекти на животната средина. “На тој начин нема бројни процедури, туку еден систем кој ги следи сите емисии истовремено и бара оптимални решенија за нивно намалување”, вели заменик-министерката.

Со законот се воведува и начелото “загадувачот плаќа”, што значи дека сите трошоци за загадувањето ги сноси оној што го предизвикува. “Загадувачот е должен да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина, да ги поднесе трошоците за санација и да плати правичен надомест за штетата причинета врз животната средина, како и да ја доведе животната средина, во најголема можна мера, во состојба како пред оштетувањето”, укажа Лашкоска.

Во однос на следењето на примената на законот, таа наведува дека Министерството за животна средина и просторно планирање располага со обучени кадри и систем за инспекциски надзор, кој ќе се зајакнува со нова опрема и дигитални алатки. “Во сезоните со зголемено загадување ќе се спроведуваат засилени контроли и координација со другите инспекторати и општините”, најавува во изјава за МИА заменик-министерката за животна средина и просторно планирање.

Со Законот за контрола на индустриски емисии, се вели во образложението, се создава рамка со која треба да се овозможи редуцирање на негативните влијанија предизвикани од вршењето на дејностите и активностите што се спроведуваат во инсталациите и постројките преку делување во изворот на загадувањето и негово следење со мерки на мониторинг. Исто така, треба да се обезбеди соодветен интегриран пристап за превенција и контрола на емисиите во воздухот, водата и почвата, спречување или намалување на создавањето отпад и намалување на нивото на бучава.

Со Законот треба да се постигне и енергетска ефикасност и спречување на настанување несреќи во инсталациите и постројките што вршат индустриски активности, да се обезбедат еднакви услови за работа на инсталациите и постројките при што контролата на емисиите во животната средина ќе соодветствува на видот на дејноста или активноста што се вршат во истите.

Предвидено е и обезбедување на учество на јавноста во носењето на одлуки при издавањето на интегрираните еколошки дозволи и донесување на општи обврзувачки барања, транспарентност во работењето на инсталациите и постројките кои се од значење за животната средина, како и воспоставување на еквивалентни барања за заштита на животната средина за сите инсталации или постројки, согласно влијанието што го имаат од вршењето на дејноста или активноста.

Законот за контрола на индустриски емисии е изработен со помош на Европската Унија преку Твининг проектот МК11/IB/EN/01/R “Зајакнување на административните капацитети на централно и локално ниво за транспонирање и спроведување на новата Директива за индустриски емисии 2010/75/ЕУ” која што ги поставува основните принципи за издавање на дозволи и контрола на инсталациите, базирајќи се на интегриран пристап и задолжителна имплементација на заклучоците за најдобри достапни техники (НДТ заклучоци).

Претставува приближување на националното законодавство со европското заради потребата од обезбедување услови за интегрирано спречување и контрола на загадувањето предизвикано од индустриските активности, како и во обезбедувањето услови за превенција, или намалување на емисиите во воздухот, водата и почвата и спречување на генерирањето на отпад.

лв/мд/фото: МИА архива .

Извор: МИА