17/06/2025

УКИМ слави 76 години од основањето


Најстариот и најголем универзитет во државата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, оваа година слави 76 години од своето основање.


По тој повод, Универзитетот организира тридневна програма на настани кои ќе се случат денес, на 23 и 30 мај, како дел од прославата на јубилејот и празникот на патроните – Денот на светите Кирил и Методиј.


Прославите ќе започнат денес со концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ во Домот на АРМ.

Главниот настан ќе се одржи во петок и ќе започне на платото пред Ректоратот, каде ќе биде положено цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј, а потоа програмата ќе продолжи во свечената сала на Универзитетот.


Предвидени се говори на ректорот, проф. д-р Биљана Ангелова и претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски, по што ќе следи церемонијално доделување на награди за најдобрите дипломци за академската 2023/2024 година, како и доделување на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“.

Планирана е и уметничка програма од студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје.


Чествувањето на годишнината ќе продолжи и на 30 мај со официјално доделување на титулата почесен професор (professor honoris causa) на професорот д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија.

„УКИМ останува симбол на академска извонредност, научен развој и општествена одговорност. Веќе 76 години сме двигатели на знаењето, критичката мисла и прогресот во нашето општество. Денес, УКИМ е дом на илјадници студенти, наставници и истражувачи кои го градат патот кон иднината“, наведоа од УКИМ.


Прославата на 76-годишнината на УКИМ, како што се вели, е потсетник за улогата што Универзитетот ја има како основа на академскиот развој во земјата и најдобро место за започнување и градење на успешна професионална иднина.