23/05/2025

ЦГК: Околу третина од фирмите со одземени лиценци се блокирани или неактивни


Речиси една третина од компаниите чии дозволи ќе бидат поништени имаат блокирана трансакциска сметка или се нефункционални, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за компаниите кои се на листата објавена од Министерството за транспорт за одземање на нивните лиценци за градежни активности и урбанистичко планирање, после извршените проверки и трагичниот настан во Кочани.


Анализата покажува дека дозволи ќе бидат одземени на 426 компании, бидејќи од 479-те компании на листата има некои кои се повторуваат, а други на кои им се одземаат неколку дозволи. “На фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.”


За поголемиот дел од компаниите, лиценците што ќе им бидат одземени не се предуслов за тие да функционираат и да добиваат државни тендери, информираат од Центарот за граѓански комуникации. Во моментов, како што наведуваат, само 49 од компаниите кои се на листата за одземање на дозволи имаат тековни договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милиони евра. “Сепак, само 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка всушност ќе ја загубат лиценцата којашто била услов за добивање на тендерот.”

Овие компании имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра, изјавија од Центарот за граѓански комуникации. Оттаму истакнуваат дека од сите компании на листата, 101 имаат добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра. “Дваесет и осум отсто од фирмите за одземање лиценца се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни, а останатите фирми се активни.”


Приходи имаат остварено 85 отсто од компаниите во вкупна годишна вредност од 128 милиони евра (за 2023 година, која е последната година за која има објавено податоци), се наведува во соопштението. Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, најголемиот дел од компаниите остваруваат мали годишни приходи. Секоја трета (31 отсто) од компаниите има годишен приход помал од 15 илјади евра, додека приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 компании, односно 8 отсто. “Во сите овие фирми работат 2188 луѓе, 4 отсто од овие фирми немаат вработен, а 3 отсто имаат само еден вработен.” Со повеќе од 10 вработени се само 3 отсто од компаниите, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Анализата е изработена врз основа на податоците за називите на компаниите објавени на листата на Министерството за транспорт, податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, како и податоците за статусот и финансиските резултати од Бизнис мрежа.


дма/лв/Фото: Центар за граѓански комуникации.