18/04/2025

Трипуновски: Земјоделците и откупувачите со договорот остварија околу 30 милиони евра од извозот на пролетна зелка во струмичкиот регион


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска го посети откупниот пункт на „МН Компани“ во село Моноспитово, општина Босилово. При посетата, тој истакна дека е постигнат успех во задржувањето на цената на пролетната зелка.


„Успеавме цената на пролетната зелка да не падне под 35 денари, одосно целиот откуп да заврши со просек од 43 денари за килограм што е фантастична цена“, изјави Трипуновски.


Тој исто така напомена дека досега се пласирани во странство 35 илјади тони од овој земјоделски производ, и дека се очекува оваа жетва да заврши со околу 40 илјади тони. Според неговите зборови, ова значи дека од пласманот во странство на пролетната зелка во струмичкиот регион ќе бидат инкасирани околу 30 милиони евра.

Министерот Трипуновски изрази дека договорот помеѓу преработувачите и производителите покажал задоволителни резултати. Тој упати голема благодарност до земјоделците кои ги почитувале препораките на Министерството, како и до откупувачите со кои заеднички ги договарале политиките во врска со набавката на овој земјоделски производ.


Министерот Трипуновски додаде дека ова е уште еден позитивен пример кога се работи заеднички, и дека успехот е неизбежен. „Имаме насмеани лица на земјоделците и ова значи дека имаме сигурен прилив кај оваа категорија земјоделци и се подготвени за втората реколта којашто треба да се подготвува за наредниот период“, заклучи тој.

рт/лв/Фото:МЗШВ .