Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), со помош и во координација со Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), денес во Скопје организира форум за зголемување на свеста на граѓаните за сигурноста на храната.
Овој настан е дел од активностите на АХВ посветени на прославата на 7 Јуни, Светскиот ден на безбедна храна. На собирот ќе се обратат директорот на АХВ, Оливер Миланов, и Барбара Галани, шеф на Секторот за комуникација и партнерство од EFSA.
Претставници од Европската агенција ќе ја презентираат улогата и важноста на EFSA во системот за безбедност на храна во ЕУ и вклучувањето на земјите кориснички на ИПА. Како што е најавено, претставници од АХВ ќе говорат за улогата и значењето на АХВ во однос на безбедноста на храната и храната за животни.
Во рамките на форумот, планирана е и панел дискусија на која ќе се разговара за нутритивните потреби и навиките во исхраната, како и за нутритивните и здравствените тврдења, изјавија од АХВ.