17/06/2025

Три земји членки на ЕУ бараат минимална возраст за користење на социјалните мрежи


Грција, Франција и Шпанија подготвија заеднички документ за дискусија на претстојниот Совет на ЕУ во јуни, со кој бараат од Европската комисија да дефинира минимална старост за пристап до социјалните медиуми на европско ниво и да воведе систем за верификација на возраста при регистрирање на онлајн платформи.


Во документот подготвен од министрите задолжени за дигитални технологии на Грција, Франција и Шпанија се заклучува дека “лошо дизајнираните дигитални производи и услуги” генерираат низа здравствени проблеми кај малолетниците кои континуирано се изложени на банални или несоодветни содржини.


Според нив, за надминување на овој проблем, неопходно е креирање на регулатива на ниво на ЕУ со која на младите ќе им се редуцира пристапот до проблематични и зависнички содржини, а истовремено на родителите ќе им се овозможи полесно да ја контролираат употребата на социјалните медиуми и веб-страниците за возрасни од страна на нивните деца.

Како што пренесе дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија веќе објави дека подготвува апликација за проверка на возраста на корисниците на социјалните мрежи, која би претставувала привремено решение до имплементацијата на дигиталните паричници на ЕУ, што се очекува најрано кон крајот на 2026 година.


Сепак, во документот се бара од ЕК не само воведување на ваков систем за верификација на возраста, туку и да се обезбедат механизми за поголема родителска контрола и да се лимитира употребата на одредени апликации од страна на малолетници.

Според трите земји кои ја предлагаат иницијативата, би требало на ниво на ЕУ да се воспостави “дигиталната возраст” за користење на онлајн мрежите, односно минимална старосна граница под која малолетниците не би можеле да пристапуваат до социјалните медиуми.


Се сугерира дека таа “дигитална возраст” да изнесува 15 години, иако според извори во Владата на Шпанија, тие се отворени за дискусија во врска со старосната граница.

ЕК веќе презентираше нацрт-водич за заштита на малолетниците, изготвени врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), со кои се бара од онлајн платформите да воведат мерки за проверка на возраста на корисниците со цел да се редуцира изложеноста на децата на порнографски и други несоодветни содржини.