Третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование, се одржа викендов во Кавадарци, во чиј фокус беше работата и надлежностите на Собранието, како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.
Школата, како што информираат од Кабинетот на претседтаелот, ја отвориле Александар Љ.
Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, советник на претседателот за внатрешна и надворешна политика и уставни прашања и вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и Филип Чапароски, програмски директор во Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), регионален тим лидер и член на Програмскиот совет на ПЦПО.
На тема „Собранието како основа на демократијата (Улога и организација на законодавната власт; законодавната постапка и учество на јавноста)“ на школата говореше Златко Атанасов, државен советник и раководител на Посебната организациона единица – Парламентарен институт.
Во рамки на модулот се одржа панел дискусија на тема „Претставничко управување“ на која говореа пратениците Панчо Минов, Лолита Ристова, Златко Пенков и Бајрам Кадрија.
Советник за право-политичка комуникација во Парламентарниот институт Томе Гушев и Соња Стаменковска, советник во Парламентарниот институт ја претставија едукативната алатка „Имам став“ – симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамките на Собранието, стимулирање развој на сопствени ставови во врска со споделените теми, развивање и соочување на аргументи, развивање решенија, дебата, култура на настап и јавно говорење.
На последниот ден од третиот модул на школата на тема „Перцепциите на граѓаните за Собранието и квалитет на парламентарната дискусија“ говореше Александра Јовевска – Ѓорѓевиќ од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, додека Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) во нашата држава, зборуваше на тема „Активни граѓани за подобро општество – Употреба на наоди од истражувањата на јавно мислење за влијание врз јавните политики“.
Во рамките на модулот, учесниците и организаторите остварија и работна вечера со г-н Митко Јанчев, градоначалник на општина Кавадарци со кого имаа можност да разговараат за тековните проекти на кои работи општината и за позицијата на локалната власт во политичкиот систем на нашата држава и соработката на општините со централната власт.
Претходно, учесниците на третиот модул на Школата за политики го посетија Собранието, каде се запознаа со работата на законодавниот дом и одржаа средба со Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, Вероник Улман, Амбасадорка на Швајцарија и Мики Милковски, заменик генерален секретар на Собранието.
Школата за политики за 2023 година се одржува во периодот од март до ноември годинава, преку реализација на вкупно пет едукативни семинари. аа/Фото: Кабинет на претседател .
Извор: МИА