Откако министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вчера објави дека од државниот Буџет е префрлена третата рата од унгарскиот заем наменет за претпријатијата, денеска Развојната банка извести дека веќе се извршени исплатите.
Финансиските средства во износ од 41,3 милиони евра се доделени за 175 одобрени проекти на домашни компании. Со овие парични средства се помогнати девет микро, 91 мали, 57 средни и 18 големи претпријатија во земјата.
„Најголем дел од средствата на оваа транша се наменети за финансирање на 91 проект на мали компании и 19,5 милиони евра за инвестиции во опрема.“
Според структура на дејност, од оваа рата најголем дел од средствата се доделени за поддршка на компании кои имаат дејност претежно од областа на производството, во вредност од 13,6 милиони евра.
Структурата по вид на инвестиција од оваа транша е следнава: 45 проценти во градежни објекти, 47 проценти во опрема, 2 проценти во обновливи извори на енергија и 6 проценти инвестиции во транспортни средства, известуваат од Развојната банка.
Со оваа транша, исплатени се вкупно 125,8 милиони евра кон деловните банки, односно половина од предвидените 250 милиони евра наменети за помош на економијата преку кредитната линија за инвестиции и развој, со што се финансирани 470 проекти на домашни компании.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, „средства што ќе се инјектираат во стопанството се значаен инпут врз економскиот раст и ќе бидат екор кон остварување на проекцијата од 3,7 проценти.“
biznisvesti.mk портал